ФУДБАЛ – ТРОФЕЈОТ ЗА СВЕТСКИ ПРВАК, НАЈПРЕПОЗНАТЛИВИОТ ПРЕДМЕТ ВО ГЛОБАЛНИТЕ СПОРТОВИ
- Идејата беше да се создаде нешто што симболизира напор, динамика и славење на спортист во моментот на победа, со целата радост што ја содржи. Фигурите што произлегуваат од грубиот основен материјал евоцираат чувство на славење победа. Малахитните прстени во основата добро се вклопуваа во скулптурата бидејќи е зелена, како фудбалско игралиште, а наедно е и скапоцен камен, објасни Гаѕанига во интервју за ФИФА
Силвио Гаѕанига можеби не е толку препознатливо име како Пеле или Диего Марадона, но неговата креација е веројатно најпрепознатливиот предмет во глобалните спортови. Италијанскиот скулптор го дизајнира и создаде трофејот за Светското првенство (СП) во фудбал, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Потребата за нов трофеј се појави по СП 1970, кога Бразил ја освои својата трета титула. Според правилата од тоа време, Бразил имаше право трајно да го задржи оригиналниот трофеј „Жил Риме“.
За да го замени познатиот трофеј, Светската фудбалска федерација почна натпревар за дизајн за наследник. Силвио Гаѕанига, скулптор со искуство во креирање медали и трофеи, беше еден од многуте подносители, но тој се издвојуваше. Тој го испрати не само бараниот дизајн туку и фотографија од прототипот. Тој победи.
Скулптурата прикажува две стилизирани човечки фигури што излегуваат од основата, протегајќи се нагоре за да поддржат глобус. Изработена е од 18-каратно злато и е висока 36,8 сантиметри, со тежина од приближно 6,1 килограми.
– Идејата беше да се создаде нешто што симболизира напор, динамика и славење на спортист во моментот на победа, со целата радост што ја содржи. Фигурите што произлегуваат од грубиот основен материјал евоцираат чувство на славење победа. Малахитните прстени во основата добро се вклопуваа во скулптурата бидејќи е зелена, како фудбалско игралиште, а наедно е и скапоцен камен – објасни Гаѕанига во интервју за Светската фудбалска федерација неколку години пред да почине во 2016 година.
Новиот трофеј првпат беше претставен на Светското првенство во 1974 година во Западна Германија. Домаќините станаа првата земја што го освои. За разлика од неговиот претходник, ниедна земја нема да може да го задржи оригиналот. Без разлика колкупати една репрезентација ќе ја освои светската титула, ремек-делото од чисто злато секогаш ќе остане сопственост на Светската фудбалска федерација.
Секако, на победниците им се доделува трофејот на теренот по финалето и можат да ја прослават својата победа со стил. Но по прославата им се доделува „Трофејот на победниците на Светското првенство на ФИФА“ за тоа издание на турнирот, кој нивната национална асоцијација може трајно да го задржи. Оригиналниот трофеј потоа се враќа во Цирих, пишува Светската фудбалска федерација.
Од отворањето во 2016 година, Музејот на ФИФА во Цирих (Швајцарија) служи како постојан дом на ремек-делото на Гаѕанига. Како несомнено еден од најважните моменти на изложбата, трофејот е место за посета каде што секој фудбалски навивач застанува да го погледне подетално и секако да се фотографира. Меѓу посетителите на Музејот неодамна беа Џорџо, Габриела и Томасо, синот, ќерката и внукот на Силвио Гаѕанига, кои направија емотивно патување до музејот за повторно да се поврзат со наследството на нивното семејство.
– Тоа ми е како мала сестра – забележа Џорџо додека се приближуваше кон најголемото дело на својот татко, пренесе ФИФА.
Неговиот внук, Томасо Бонаци, ја истакна уметничката револуција што ја предизвика неговиот дедо: „Постои ера пред и по Гаѕанига. Претходно трофеите беа крути и квадратни. Мојот дедо воведе нов пристап кон моделирањето, трофејот е изработен како вистинска скулптура, создавајќи флуидни, топли движења во материјалот“. „Тој беше најсреќен кога беше на работа. Тоа беше работа што навистина му го исполни срцето“, се присети Габриела, пренесе Светската фудбалска федерација.
Обликувајќи ги заоблените линии и растечките фигури на трофејот, тој му подари на светот универзален симбол на амбиција, која продолжува да ги разгорува емоциите на секој играч што сонува да го освои и на секој што му се восхитува во Музејот на ФИФА. Н.М.


































