Организаторите на МТФ „Војдан Чернодрински“ соопштија дека, поради големиот интерес на публиката, дел од влезниците за 60. јубилејно издание на фестивалот ќе бидат пуштени во онлајн продажба од 28 мај преку платформата karti.com.mk.
Физичката продажба на билетите на билетарницата во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп започнува од 1 јуни. Од фестивалот информираат дека и онлајн и физичката продажба ќе биде ограничена на најмногу четири билети по лице за една претстава.
Билетарницата ќе работи секојдневно од 1 до 12 јуни, во термини од 10 до 14 и од 17 до 21 часот.
Од фестивалот појаснуваат дека за дел од претставите на малата сцена, како и за изведби на сцената во Центарот за култура, ќе биде пуштен ограничен број влезници во продажба.
Во меѓувреме, Театар Комедија соопшти дека нема да учествува на јубилејното издание на фестивалот, иако претходно беше селектиран со претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“.
Фестивалот ќе се одржи од 5 до 12 јуни на повеќе локации во Прилеп.

































