По годинашната 46. Шаховска олимпијада во Самарканд, таблите на кои ќе се играат мечевите ќе бидат дистрибуирани до национални федерации, оставајќи дел од најголемиот шаховски фестивал во светот кај глобалната заедница, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Секои две години, Шаховската олимпијада собира илјадници играчи од целиот свет, кои се натпреваруваат на истите табли, во истите сали и под истиот притисок што го дефинира спортот на највисоко ниво. По 46. Шаховска олимпијада во Узбекистан, таблите на кои се играло во текот на настанот нема да заминат во складиштето, наместо тоа, тие ќе го продолжат своето патување во федерации и турнири низ целиот свет.
Околу 900 електронски табли што ќе бидат дистрибуирани не се реплики или сувенири произведени за таа пригода, тие се истите електронски табли на кои најсилните национални тимови во светот ќе се натпреваруваат во 11 кола. За федерациите што ќе ги добијат, тие ќе останат практична опрема за турнири, а наедно ќе ја носат и историјата на мечевите што се играле на нив, пишува ФИДЕ.
– Шаховската олимпијада го обединува целиот шаховски свет, а овие табли ќе го пренесат тој дух во федерациите низ секој континент. Овие табли го симболизираат самиот дух на „Генс уна сумус“, но, не помалку важно, ќе обезбедат важно практично решение за многу федерации – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, пренесе ФИДЕ.
Федерациите што сакаат да добијат електронски табли од 46. Шаховска олимпијада се поканети да поднесат барање до ФИДЕ. Н.М.