ФУДБАЛ
Банкнота од 20 фунти во ограничено издание, со слика инспирирана од познатиот гол со ножички на Скот Мектоминеј, беше претставена од Банката на Шкотска, пишува „Би-би-си“. Банкнотата е создадена за да го прослави враќањето на Шкотска на светските првенства, откако таа репрезентација се пласира првпат од 1998 година.
Дизајнот ги комбинира традиционалните елементи на банкнотата со слики од голот на Мектоминеј за Шкотска против Данска. Само 100 од банкнотите се испечатени, а 50 се достапни преку колекционерски аукции, извлекување награди и две зони во Единбург и во Глазгов. Машката репрезентација на Шкотска го обезбеди своето место на Светското првенство годинава со победата со 4-2 над Данска во Глазгов, во ноември. Мектоминеј го постигна првиот гол во почетокот на натпреварот со шут преку глава.
– Стигнувањето до најголемата сцена на светскиот фудбал е нешто за кое секој играч сонува и знам дека тоа значи сѐ за нашите навивачи. Ваквите моменти им припаѓаат на сите што ја следат репрезентацијата, па затоа да видам дека мојот гол е прикажан на шкотска банкнота е неверојатно посебно – рече тој, пренесе „Би-би-си“.
Приходите од аукцијата и од извлекувањето награди ќе ја поддржат националната добротворна организација за луѓе што се бездомници, пишува „Би-би-си“.
Шкотска на СП 2026 ќе игра со Хаити на 14 јуни, Мароко на 19 јуни и со Бразил на 24 јуни. Н.М.

































