ФУДБАЛ

  • Ќе има 25 други градови покрај 16-те града домаќини што ќе ги пречекаат репрезентациите, проширувајќи ги возбудата и влијанието на годинашното Светско првенство во фудбал. Вкупно 39 селекции ќе тренираат во САД, седум во Мексико и две во Канада. Присуството на репрезентациите што тренираат и престојуваат во овие заедници, како и навивачите и медиумите што ги следат, ќе генерира значителен социоекономски поттик, а наедно ќе обезбеди повеќе луѓе на повеќе места да го почувствуваат возбудувањето од СП, пишува ФИФА

На патот кон револуционерното Светско првенство (СП), со рекорден број учесници, вкупно 48 репрезентации, е финализиран изборот на местата за тренинг во базните кампови на селекциите, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Вкупно 48 места за тренинг што се протегаат низ Канада, Мексико и САД ќе играат витална улога за учесниците додека се подготвуваат да се натпреваруваат на најголемото светско првенство во фудбал досега.
Присуството на репрезентациите што тренираат и престојуваат во овие заедници, како и навивачите и медиумите што ги следат, ќе генерира значителен социоекономски поттик, а наедно ќе обезбеди повеќе луѓе на повеќе места да го почувствуваат возбудувањето од Светското првенство, пишува Светската фудбалска федерација.
Изборот на места за тренинг почна во 2024 година кога на потенцијалните квалификанти им беше доставена основна листа на елитни опции. Таа листа беше доработена и подобрена во текот на 2025 година. По ждрепката за СП 2026, влечена во декември лани, тогашните 42 пласирани селекции почнаа да ги поднесуваат своите избори од над 60 опции, делумно врз основа на географските зони каде што ќе ги играат своите натпревари во групната фаза на годинашниот планетарен шампионат.
Репрезентациите на Колумбија, Иран, Јужна Кореја, Мексико, Јужна Африка, Тунис и на Уругвај се потврдени како седумте селекции со седиште во Мексико. Канада и Панама ќе имаат свои тренинг-центра во Канада, а преостанатите 39 репрезентации ќе бидат сместени во САД, пишува Светската фудбалска федерација.
Ќе има 25 други градови покрај 16-те града домаќини што ќе ги пречекаат репрезентациите, а тоа се Њу Текумсет во Канада, Канкун, Пачука и Тихуана во Мексико, Александрија, Остин, Бока Ратон, Шарлот, Чатануга, Колумбус, Голета, Гринбрајер, Гринсборо, Ирвин, Меса, Нешвил, Палм Бич Гарденс, Портланд, Рентон, Сан Диего, Сенди, Санта Барбара, Спокејн, Тампа и Винстон-Салем во САД. Н.М.