Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ денеска во Охрид потпишаа договор за стратешка соработка меѓу двете земји, со што, како што беше истакнато, се отвора нова етапа во билатералните односи меѓу Македонија и Хрватска.
Покрај договорот за стратешка соработка меѓу владите, беше потпишан и договор за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија, со што дополнително се продлабочува партнерството во клучни области од заеднички интерес, пренесе МИА.
На заедничката прес-конференција по потпишувањето на договорите, двајцата премиери истакнаа дека со овие документи се продлабочуваат и онака добрите и пријателски односи меѓу двете држави, при што Хрватска, како членка на НАТО и Европска Унија, останува еден од главните партнери на Македонија во евроинтеграцискиот процес.
– Особено сме задоволни што ја подигнуваме нашата соработка на повисоко ниво преку потпишување на договорот за стратешка соработка помеѓу двете влади. Овој договор е повеќе од дипломатски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна стратешка определба за продлабочување на нашите односи во области што се од суштинско значење за иднината на двете држави – изјави премиерот Мицкоски.
Со договорот ќе се овозможи уште поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори, меѓу кои транспортот, енергетиката, информатичко-комуникациските технологии, индустријата, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите.
Мицкоски посочи дека особено значајно е што договорот отвора простор за подлабока поврзаност меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји.
Претходно, премиерите Мицкоски и Пленковиќ одржаа тет-а-тет средба во Охрид, по што следуваше и билатерална средба на владините делегации, на која се разговараше за унапредување на соработката во повеќе области, како што се економијата, енергетиката, инфраструктурата, европските интеграции и регионалната безбедност.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, заедно со владина делегација, престојува во официјална посета на Македонија, а претходно беше свечено пречекан од премиерот Христијан Мицкоски на охридскиот аеродром.
Средбата, како што беше оценето од двете страни, претставува уште една потврда за силните и пријателски односи меѓу Македонија и Хрватска, како и за заедничката определба за стабилен, безбеден и европски регион.

































