Фото: Пиксабеј

Три одделни случаи на семејно насилство се регистрирани во текот на вчерашниот ден во Битола, Куманово и Кичево, при што се приведени три лица осомничени за физички напади врз членови на нивните семејства, информираат од Министерство за внатрешни работи.

Во Битола, во раните утрински часови, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода 51-годишниот Т.С., кој во семејниот дом физички ја нападнал неговата 54-годишна сопруга, при што, според информациите, користел метални и дрвени предмети. По полициската интервенција, судија од Основниот суд Битола му одредил мерка притвор.

Во вториот случај, во Куманово, во вечерните часови бил приведен 28-годишниот Н.Ј. од кумановско село, осомничен дека физички ја нападнал својата мајка. Од полицијата посочуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Претходно, во Кичево, полицијата го лишила од слобода 48-годишниот А.А., осомничен дека во семејниот дом физички ја нападнал својата 40-годишна вонбрачна партнерка. Според пријавата, нападот се случил ден претходно, а и за овој случај е најавена соодветна кривична пријава по неговото целосно расчистување.

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи.