Модел за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан инициран и разработуван од пет земји членки на ЕУ
- Австрија, Италија, Чешка, Словачка и Словенија иницираа модел на постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во единствениот европски пазар. Предлогот предвидува пристапување „чекор по чекор“, односно државите од регионот постепено да ги користат придобивките од членството во Европската Унија, паралелно со напредокот во преговорите и исполнувањето на реформските критериуми
Иако многумина побрзаа да го прогласат проектот за обратно проширување за мртов, се чини дека неговите главни заговорници не само што не се откажуваат туку наоѓаат нови начини како што поскоро да се реализира оваа идеја.
Според нашите извори, постојат низа индикатори дека зад целата работа стои Германија, чии европратеници продолжуваат да работат на изнаоѓање начини како да се избегнат бесконечните вета иницирани од билатерални каприци на одредени земји членки на Европската Унија, а со тоа и самата Унија да стане пофункционална во носењето одлуки важни за нејзината иднина.
Клучната цел на целиот проект е да се задоволи барањето на Украина за полноправно членство така што земјата ќе почне со фазно придружување, а истовремено на тој начин и ќе се амортизира притисокот од некои актуелни земји членки што се противат на брзо членство на Украина. Иако украинските претставници упорно тврдат дека не се заинтересирани за ништо друго, освен полноправно членство, добро информирани извори тврдат дека Киев ќе се согласи и на фазно придружување имајќи го предвид фактот дека земјата зависи од европските пари.
Од друга страна, официјален Берлин е свесен дека и покрај тоа што сиот фокус е на Украина, сепак од целиот проект нема да може да ги изземе и земјите кандидати од Западен Балкан, кои се особено важни за Германија, имајќи ги предвид германските инвестиции и интереси во овој регион. Токму затоа германскиот проект сега се турка од други пет земји членки на ЕУ, спакуван во малку поинаква форма, но со иста суштина, да се откочи процесот на проширување.
Динамиката на реформите клучна за премин од фаза во фаза
Имено, Австрија, Италија, Чешка, Словачка и Словенија иницираа модел на постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во единствениот европски пазар. Предлогот предвидува пристапување „чекор по чекор“, односно државите од регионот постепено да ги користат придобивките од членството во Европската Унија, паралелно со напредокот во преговорите и исполнувањето на реформските критериуми.
Според извори од Брисел, кои посакаа да останат анонимни, ваквиот пристап не значи дека земјите кандидати нема да мораат да испорачаат резултати, туку напротив, од динамиката на реформите ќе зависи колку брзо ќе напредуваат во интеграцијата и на другите полиња покрај заедничкиот пазар.
Неофицијално, во рамките на предлогот се предвидува првата можност на ова интегрирање да биде заедничкиот пазар, а потоа, со напредувањето на реформите, тоа да се прошири и на шенген-зоната, со што ќе се стави крај на потенцијалните влијанија на трети страни во овој дел на Европа, а истовремено и ќе се реши проблемот со протокот на луѓе и стока. Дополнително, ЕУ геополитички се позиционира трајно на овие простори. Понатаму се споменува и заедничката одбранбено-безбедносна политика, за што Македонија веќе потпиша Договор за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, со што е прва земја од регионот на Западен Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ. Земјава е усогласена целосно и со европската надворешна политика, услов што исто така ќе биде дел од тоа фазно придружување. Финишот ќе биде ефикасна борба со корупцијата, владеење на правото и малцински права, по што земјите кандидати, или како и да се нарекуваат во тој фазен пристап (најверојатно придружни членки), и официјално ќе станат полноправни членки на ЕУ со право на одлучување, со свои европратеници и со свои комесари.
Со други зборови, на овој начин повторно се враќа во игра таканареченото обратно проширување, а паралелно со него, се реформира и начинот на одлучување во самата ЕУ, проблем што со години е главен камен на сопнување на целата европска идеја.
Унгарија и Полска веќе градат оска за соработка со идните „придружни членки“
Потврда дека се работи на вакви проекти се и најавите што пристигаат од новиот унгарски премиер Петер Маѓар, кој заедно со полскиот премиер Доналд Туск од Варшава испрати порака дека е време повторно да оживее влијанието на Вишеградската група.
Маѓар предложил В4 да се прошири и со земјите од Западен Балкан што сè уште не се дел од Европската Унија.
– Подготвен сум да ја прошириме соработката на вишеградската четворка и на други земји, можеби скандинавските држави, Австрија, Хрватска, Словенија, Романија и земјите од Западен Балкан што уште не влегле во ЕУ – изјавил Маѓар на заедничката прес-конференција со Туск.
Полскиот премиер порача дека Централна и Источна Европа повеќе не се периферија, туку простор каде што се решава иднината на континентот.
Токму фактот што предлогот на Маѓар доаѓа во време кога Брисел бара нови модели за приближување на Западен Балкан кон Европската Унија јасно говори дека групи во рамките на ЕУ интензивно работат на овој проект. Идејата за поширока Вишеградска група би можела да отвори нов политички и економски канал меѓу Централна Европа и Балканот, особено во делот на енергетиката, безбедноста и инфраструктурата.
Можеби тука треба да се бараат причините за нервозата кај официјална Софија, која се обидува да го задржи влијанието преку блокирање на Македонија во сите интегративни иницијативи, вклучително и онаа за приклучување на иницијативата на трите мориња.
Јасна рамка како да се оди забрзано кон полноправно членство
Според добро упатени европски извори во проектот за фазен пристап на кој неофицијално се работи во некои европски кругови, фазниот пристап е единствен начин за успех на процесот на проширување.
– Фазното пристапување би значело создавање некаков меѓупростор меѓу класичниот кандидатски статус и полноправното членство, можеби некакво придружно членство. Идејата е државите што ги исполнуваат условите во одредени области да не чекаат со години за да ги почувствуваат придобивките од интеграцијата, туку постепено да бидат вклучувани во конкретни европски политики и механизми. Првиот чекор најверојатно би бил пристап до единствениот европски пазар, што би значело слободен проток на стоки, услуги и дел од капиталот, но и директно врзување на економиите од Западен Балкан со европските производствени и инвестициски синџири – објаснуваат изворите што имале увид во дел од работата на некои од тимовите.
Следната фаза, според нив, би била постепено интегрирање во транспортните, енергетските и дигиталните мрежи на Унијата, со можност земјите кандидати да добијат поголем пристап и до европските фондови.
– Паралелно со тоа би одела и безбедносната компонента, односно постепено приклучување кон заедничките европски одбранбени и безбедносни механизми, нешто што веќе се тестира преку различни партнерства со земјите од регионот. Во дипломатските кругови се споменува и можност одредени држави, доколку исполнат високи стандарди за контрола на границите и владеење на правото, порано да бидат делумно вклучени и во шенген-системот – наведуваат изворите.
Истакнуваат дека суштината на моделот е секоја реформа веднаш да носи конкретна политичка или економска придобивка и на тој начин Брисел да се ослободи од чувството дека процесот е бесконечен и демотивирачки.
– Истовремено, Унијата сака да задржи механизам на контрола, што значи дека секоја фаза би можела и да биде замрзната доколку има назадување во борбата против корупцијата, судските реформи или демократските стандарди. Во пракса, тоа би значело државите од Западен Балкан постепено да функционираат како дел од европскиот систем и пред формално да станат членки. На крајот, кога ќе се исполнат политичките критериуми, би следувало и полноправното членство со право на глас во институциите, со европратеници и со свои комесари. Во Брисел сè повеќе се смета дека ова е единствениот начин ЕУ да се прошири без паралелно да влезе во институционална парализа – заклучуваат извори што имале увид во дел од работата на тимовите задолжени за изготвување на проектот за „фазен пристап“.

































