Потсетување на пораките на академик Гане Тодоровски по повод 16 години од неговата смрт
- Во 1970 година во песната „Фуснота без повод“, која е дел од стихозбирката „Горчливи голтки непремолк“, Гане Тодоровски упатува нов вонвременски повик до Македонците, овој пат за заедничко „домакедончување на Македонија, за да живеат живите“ наместо нејзино размакедончување
„Требат тони грижи на појќе поколенија / за да се истријат тие петна / на срам од себеси, од себепремолчување…. /И ако така уште постоиме, / не ќе постоиме!… / Толку се страхувам, некоја јанѕа ме јаде / да не би одново да Те раздадеме!“, напиша Гане Тодоровски во својата монументална песна „Македонски монолог“ како негова пророчка предупреда до македонскиот народ уште во 1969 година. Уште тогаш тој кажа визионерски дека „не ќе постоиме, ако така уште постоиме, со себепремолчувања“ на сѐ што ни се случувало и што ќе ни се случува допрва. Тодоровски ни ги остава во завештание своето страхување и јанѕа дека треба и ние, денешните Македонци, силно да се страхуваме, јанѕа да нѐ јаде и нас, за да не ја раздадеме одново Македонија во име на „светлите европски перспективи“, кои ни ги нудат некои однадвор. Под услов да се откажеме овој пат трајно од своето колективно македонско „јас“, од својот идентитет, јазик, историја и култура.
Поетски аманет „да ја дотераме татковината како милноина“
Стиховите на Гане Тодоровски извираат од неисцрпниот вруток на македонската почва и проблеснуваат пророчки, секавично со сиот свој сјај, естетски и идеен – ќе нагласи и Раде Силјан за пораките од впечатливото творештво на Гане, но и за генијалноста негова како книжевен творец.
Всушност, „Македонскиот монолог“ на Гане Тодоровски е негов дијалог со македонското минато, сегашност и иднина во името на македонскиот народ. Но и повик до секој од нас да поведе сам со себе свој личен „македонски монолог“ што ќе треба и што ќе мора да стори, заедно со сите други, за да кажеме „доста“ на раздавањата и продавањата на Македонија.
Воспевајќи ја татковината, великиот македонски поет родољуб во „Македонскиот монолог“ му остава поетско завештание на секое македонско поколение да ги вложува сите свои усилби, „за да ја дотераме Родината како милноина“:. „Родино, / сета дарба што ја носам… / ќе Ти ја завештам во трајна своина / оти нам ќе ни бидат недоволни нашите години / за да Те дотераме како милноина“.
Со секој свој стих и со секоја своја песна, Гане Тодоровски се потврдува како еден од столбовите на македонската национална самосвест. На 22 мај 2010 година се навршија 16 години од неговото заминување од овој свет. Оваа годишнина е пригода за ново вдахновување со неговите поетски аманети до македонскиот народ, кому тој му го посвети својот живот и својата поезија, со која се извиши во блескавите врвови на македонската книжевност и култура. Овој великан на македонскиот национален идентитет, на македонската духовност, им остави на Македонците творештво и вонвременски посланија, кои моќно извираат од него. Со ова Гане се впишува во колективната македонска меморија и како еден од поетско-духовните и национални светилници за македонската сегашност и иднина.
Доста беа молк и голтање „горчливи голтки“ во македонското битување!
Во 1970 година во песната „Фуснота без повод“, која е дел од стихозбирката „Горчливи голтки непремолк“, Гане Тодоровски упатува нов вонвременски повик до Македонците, овој пат за заедничко „домакедончување на Македонија, за да живеат живите“ наместо нејзино размакедончување. Повик и заради освестување дека е потребен непремолк наместо молкот и голтањето „горчливи голтки“ во македонското битување: „Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат… / Ој, Македонијо, / колку ли уште ни треба / за да те домакедончиме!“
Гане ја смести во националната книжнина и македонското колективно паметење и својата бележита песна „Македонски јазик“, во која го опејува вдахновено и бунтовно „возбудливиот здив на татковината“ – нашиот мајчин јазик: „Се откорна ти како борбен вик / на востанатиот наш бунтовник / што прв ја презре ропската мирнотија! Низ тажачки се раздипли в клет збор, / закремене низ корав непокор / ко завет свет на тие што нè родија / Ти возбудлив здив на татковината! / и биди верен вардач на сиот народ наш, / на молитва татковинска да прилегаш … / воздишко низ која првпат сме заплакале!“
Постигањата во македонистиката како долгогодишен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ го вбројуваат Тодоровски меѓу најистакнатите дејци во славистичките кругови во Европа и во светот. Како член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1997 година. Напишал 12 книги со поезија, кои оставиле длабока трага во летописот на современата македонска литература. Неговите први стихови датираат од времето на Втората светска војна. Во нив се огледа тематскиот и стилски печат на една епоха, во која се прават првите чекори кон македонската самостојност и слобода.
Академик Гане Тодоровски е истакнат преведувач на современата балканска и светска поезија на македонски јазик. Тој беше пасиониран истражувач на македонскиот книжевно-историски 19 век. Ги толкуваше делата на нашите претходници не само како документи и сведоштва за минатото туку и како активни вообликувачи на нашиот современ литературен израз и на македонската национална свест.
Во 1995 година Гане го напиша „Заветот“ како тестамент да биде погребан во селото Кожле, од каде што потекнуваат неговиот дедо и прадедо, и наместо посмртен говор, да му биде прочитана оваа песна. Тоа е во вистинска смисла на зборот последна заветна песна за македонскиот народ, бидејќи Гане Тодоровски со својот последен македонски поетски здив ќе му остави трајно послание на својот народ секогаш да се бори за својот опстој и „да тече време македонско, да блика“, како што напишал во „Завет“.
Свето Тоевски

































