Концерт на „Пеперминт“
И ете ме мене на концертот. Пред МКЦ има публика, чека да влезе, се качувам горе во салата и повторно публика. На средината на салата има една огромна камера насочена кон бината, одзади на скалите има уште две големи камери и уште една од десната страна на бината, значи убаво е медиумски покриено. А на бината се редат неколку групи, „Лоши деца“, „Преку ред“, Дина Јашари, Игор Џамбазов. Врвулешница од музичари и сите тие си имаат свои обожаватели. Некаде околу 10 часот излегуваат тие петмина, ѕвездите на вечерта „Пеперминт“. Класична постава, бас, тапани, две гитари и придружен вокал. Ја пополнуваат сцената, која да ви кажам беше фантастична, со тие кулите тркалезни во одредени бои, со богат звук раководен од тонците. Напред на столче на бината седнат лидерот, композитор, текстописец, пејач, глумец и режисер Горан Трифуновски-Пајак, облечен во сино сако со еполети, нешто како „Битлси“ на времето. И се вртат „Твоето куче“, „Ама ако“, „Ало ало“, „Фан на Лазар Манаков“, „Слатка мала“, „Ќерката на наставникот“, „Девојката со точакот“, „Ти ми се свиѓаш“, „Не си со сите“ и уште многу други. Прекрасни музички приказни за некои обични нешта, така интелигентно споени, со свој печат, веднаш препознатливи и певливи. Дека се певливи се виде во публиката, сите ги пееја нивните песни од сите шест албуми („Пеперминт“ се 27 години во бизнисот), сите играа и скокаа, едноставно парада на пријателството, како сите да се знаат од маало и сите заедно прават едноставни заеднички работи. Овој нивен интересен звук е многу посебен, впечатлив, има сѐ и сешто во него, од рок до поп, малку панк, всушност тие постари песни влечат корени од панкот, но смирувачкиот глас на Пајак не дозволува да изгледа тотално панкерски. Ова е таа музика што може да слуша секаде, едноставно те расположува, не те тера да се задлабочиш, да размислуваш, да решаваш проблеми околу создавањето на светот, едноставно прекрасни парчиња, мали бисери, кои те орасположуваат, те подмладуваат. И така заедно со нивните гости расположението се дига на повисоко ниво, доволно за еден ден да се пофалиш дека си бил на овој прекрасен концерт. Не се сите концерти за пофалба, но овој беше посебен. Секоја чест.
Љупчо Давчев

































