Фото: приватна архива

Тајните на најдобрите просветни работници: Лила Арсова, одделенска наставничка од Велес

  • Драги наши читатели, во чест на просветните работници, во оваа рубрика ви ги откриваме „тајните“ на некои од најдобрите наставници во Македонија. Во првиот циклус, до крајот на оваа учебна година, ќе ви претставиме десетмина наставници од различни места во нашата татковина, кои со својата посветеност, знаење, методи и инвентивни решенија го претвораат наставниот час во магија. Целта на рубриката е да ги афирмираме најуспешните и најинвентивни едукатори, кои со својата креативност ја прават наставата поинтересна, подинамична и поблиска до учениците. Преку нивните примери сакаме да споделиме конкретни идеи и методи што може да се применат во секоја училница

Во време кога образованието сè повеќе бара креативност, посветеност и човечност, името на Лила Арсова се издвојува како пример за наставник што не само што подучува туку и инспирира генерации деца да сонуваат, да создаваат и да веруваат во своите способности.
Арсова е одделенска наставничка во ООУ „Васил Главинов“ во Велес, а повеќе од триесет години ја гради својата мисија како просветен работник, вложувајќи љубов, знаење и енергија во воспитувањето и образованието на најмладите. Препознатлива е по својата иновативност, современиот пристап во наставата и безрезервната поддршка што им ја дава на учениците.

Училницата е свет полн со креативност

Нејзината училница не е само простор за учење туку свет исполнет со креативност, истражување и детска радост. Преку голем број едукативни проекти, драмски активности, ликовни работилници, екоиницијативи и примена на современи информатички технологии, таа успева да ја претвори наставата во вистинска авантура за децата. Посетеноста на различни видови обуки и посветеноста кон професијата и децата во училницата и училиштето резултираат со успех само со изнаоѓање методи и форми на работа во наставните практики да им се приближи наставата на учениците на еден креативен начин, сѐ со цел да се постигнат резултати, а учениците да стекнат трајни знаења.
Како наставничка, Арсова е носителка на голем број домашни и меѓународни признанија. Нејзините ученици освојуваат награди на литературни, ликовни и еколошки конкурси во Македонија и надвор од неа, а нејзината посветеност е крунисана и со признанието „Најдобар просветен работник“ во Општина Велес во 2016, „Просветен работник на годината“ од Сојузот на просветните работници во Република Македонија во 2017 година, како и со благодарница од Општина Велес за сестран придонес во 2025 година.
– Покрај сите награди и признанија за работа со своите ученици најдраги ми се меѓународната трета награда за еколошка порака во категоријата земјена уметност на конкурсот „Ленд арт Месзелето“ од меѓународната еколошка организација „350 ОРГ“ од Унгарија во 2009, третата специјална награда на интернационално ниво во категоријата иновативност во наставата од Русија во 2011 г., како и плакетата и пехарот на 12-то издание на интернационалниот конкурс за поезија и драма „Кастело ди Дуино“ во Италија, во 2016 год., во категоријата училишни проекти – со гордост истакнува Арсова.
Но она што ја прави особено значајна е нејзината способност преку уметноста и литературата да допре до детскиот свет. Лила Арсова е авторка на повеќе книги за деца, стихозбирки, приказни и драмски текстови, преку кои ги негува детската фантазија, љубовта кон природата, другарството и вистинските вредности. Нејзините дела се топли, искрени и блиски до детското срце, а токму затоа се прифатени со љубов од младите читатели.

Самостојно размислување и свесно учење

– Секое дете има сопствен психофизички развој, а на почетокот од неговото школување пристапот кон учењето со размислување бара длабока анализа, посветеност и секојдневно трпение при насочувањето на учениците. Емпатијата и играта претставуваат клучни елементи за развој на критичкото размислување кај децата – посочува Арсова.
Таа смета дека на рана училишна возраст, децата полесно помнат слики отколку чист текст. Токму затоа, наставничката Лила, потенцира дека визуализацијата и мисловните мапи значително им помагаат во процесот на учење, како и во организирањето различни поими што се меѓусебно поврзани.
– Метакогницијата, како метод што го користам во наставата, претставува процес што го вклучува детето во сопственото осознавање, планирање и проценување на содржините што ги изучува. Со тоа, кај детето се развива способноста за самостојно размислување и свесно учење – вели Арсова.
Зависно од возраста, наставниот предмет и учебниот материјал, нашата соговорничка, користи различни методи.
– Мисловните мапи, флеш-картичките, учењето преку игра и драматизациите се клучни алатки за развивање навика кај децата да не брзаат кон крајниот резултат, туку да го истражуваат, да го разбираат и да го вреднуваат патот до решението – објаснува наставничката Лила.

Покрај образовната и писателската работа, таа активно учествува и во културниот живот на градот и државата. Како претседателка на друштвото на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, координаторка на културни манифестации, промоторка на литературата и неколку години и како координаторка на манифестацијата „Детски Рацинови средби“, Лила Арсова постојано придонесува за афирмација на македонскиот јазик и творештво и преку вклученоста како образовна координаторка на Википедија на македонски јазик. На таков начин, преку личен пример, ги поттикнува своите ученици на вклученост во општествениот живот и активен придонес во заедницата.
– Сметам дека вистинскиот наставник не остава трага само во дневникот туку и во срцата на учениците – вели Арсова.
Со својата енергија, креативност и хуманост, таа претставува пример за инспиративен наставник што гради генерации со љубов, знаење и со верба во иднината. Не само што ги учи деца како да читаат и пишуваат туку ги учи и како да сонуваат, да создаваат и да станат добри луѓе.

Ф.Д.

Фото: приватна архива