КОШАРКА – СУПЕРЛИГА, ПЛЕЈОФ, ФИНАЛЕ

  • Во третиот натпревар од финалната плејоф-серија, МЗТ Скопје третпат го победи Маџари, но сега на гости, со 80-74

Кошаркарите на МЗТ Скопје третпат славеа на дуел со најпријатното изненадување и дебитант во Суперлигата за мажи, екипата на Маџари, во финалната серија на плејофот за македонската шампионска титула, за вкупна победа со 3-0 во победи. Со тоа тие го одбранија трофејот од лани, тоа е вкупно 13. првенствена титула во клупската историја, а вторпат шеста во низа. По двете победи на свој терен во СЦ „Јане Сандански“, ова беше прв одигран натпревар на гостински терен, во салата „Наум Наумовски-Борче“ во скопската населба Маџари. Во третиот натпревар од финалната плејоф-серија МЗТ Скопје славеше со 80-74.
Капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, беше најпрецизен кај „металците“, постигнувајќи 17 поени (плус по три скока и асистенции), Душан Танасковиќ постигна еден поен помалку (имаше и седум скока и две асистенции), Смит Меквен 13 (осум асистенции и шест скока), а Марин Петков 11 поени (шест асистенции и два скока). Во екипата на Маџари, Амар Хот запиша дабл-дабл ефект со 20 поени и 18 скока, Тери Армстронг уфрли 19 поени (по пет скока и асистенции), а Томи Луис 13 поени (шест скока и пет асистенции). Г.И.