Дали јавното зборување, јавното пишување, јавните посочувања и предупредувања, па дури и покажувањето конкретни докази за некаква опасност придонесуваат тие што носат одлуки да не ги направат оние работи што откако ќе ги направат, по некое време ги препознаваат како погрешни? Не. Сите одлуки, за кои умни луѓе и од едната и од другата страна на политиката говореле и објавувале, а големото мнозинство од народот јавно демонстрирало дека е против, од владите биле отфрлани како заблуди, лаги, пропаганда и незнаење. Сите. До една. Ако ова се факти на времето, има ли смисла воопшто да се прави што и да е? Да се зборува за што и да е? Да се пишува, да се биде активист? Има ли смисла да се членува дури и во политичка партија ако оние што ги избирате наместо на вашите, се повикуваат на интересите на други, во ваше име? Драги мои, сите големи политички, социјални и идентитетски прашања што ова земја ја држат во состојба на постојана нестабилност од 8 мај 1876 г., па сѐ до денеска, се решавани со закани и уцени на странски влади или организации. Точка по прашањето. И многу брзо по носењето на таквите одлуки, политичарите што ги носеле – се оградувале или се дистанцирале делумно или целосно од нив. Што може да се извлече од ова како состојба на нештата? Тие што одлучуваат, ги бранат интересите на оние што ги избрале нив, а не интересите на тие што ние ги избираме. И тука завршува сѐ. Во Македонија и насекаде по Европа и светот. Со ретки исклучоци, демократијата во дваесет и првиот век функционира според систем на самоизбирање на политичарите, во име на граѓаните.
Деновиве се обидувам да видам нешто од пристигнатите филмови за селекцијата на годинашното издание на „Преку езерото“. Со немир, трепет и страв изгледав осумдесетминутна документарна драма за протестите на таканаречените жолти елеци во Франција, кои речиси една година ја потресуваа првата република на светот со својата масовност, жестокост и упорност. Не сакам да зборувам за филмот во детали, за да не го компромитирам изборот, но во ова драматична документарна приказна во која протагонист е толпата, народот, мнозинството, за жал, на крајот, нема никако достигнување! Француските политички елити си продолжија да владеат со четвртата република како одметници и од државата и од граѓаните. Дури и од самите себеси! Наместо промени на подобро, во Франција се живее полошо отколку пред протестите. Неколкуте влади на претседателот Макрон не само што не исполнија ниту едно од барањата на жолтите елеци туку напротив, ги заострија односите со граѓаните, донесоа регресивни закони и спроведуваат политики спротивни на оние што од нив ги бараше и очекуваше народот. Поради менталитетот на Германците, кои во суштина се питом, мирен и лесно управуван народ што се повинува пред секој облик на власт, што е дел од нивниот генетски и цивилизациски код, таму не гледаме големи јавни протести со социјални и политички акции. Ама работите се на работ на социјален амбис, кој може да експлодира во секое време. Во Германија постои масовно скриено незадоволство, кое го гледаме низ кревањето на десничарските движења на ниво на мејнстрим-партии. И ова е тенденција што нема да застане толку лесно, без политички, социјални судири и големи драми.
Минатата недела, Владата на Шведска предложи регресивни закони во однос на социјалните права на големо мнозинство Швеѓани од работничката и средната класа. Јавната дебата, која елитите ја форсираат, е со аргументите на економската криза предизвикана од опасно дивите Руси и незапирливо евтините Кинези, а е поддржана од медиумите и претпоставувате – интелектуалната јавност. Гротеската во оваа пропагандна џамбалаја е во тоа дека Владата на Шведска ги плаши своите граѓани дека доколку не го прифатат ова, во иднина со нивната земја ќе управуваат феудалци Руси и Кинези. Како феудализмот да познава нација и раса?! Ниту во Русија, а ниту во Кина не управуваат Руси и Кинези туку технофеудалци, како што идните господари на светот совршено точно ги дефинира Јанис Варуфакис. Убеден сум дека наскоро во Шведска сѐ ќе заврши со „u turn“ кон либералниот капитализам и со откажување од таканаречениот државен социјализам. Сето ова ќе биде зачинето со заплашувања од деструкции, хаос и војни. Колку за да се има увид во работите, да потсетам дека синонимот за Шведска, „Волво“, одамна е кинеска компанија. Се плашам дека светот со голема брзина се симнува надолу по скалите на историјата, регресирајќи од либерален капитализам кон технолошки феудализам, во кој луѓето ќе живеат како закрепостени консументи. Нема да добиваат ниту пари за тоа што ќе го работат.
Идниот технофеудален човек ќе живее како консуматор на масовното производство на информации и технологии, кои ќе бидат алатки за производство на зависност и страв. Овој систем ќе биде лесно одржлив, дури мислам дека ќе се самоодржува со алгоритми. Хомосапиенсот во овој стадиум на интелектуален, емотивен и духовен развој лесно и брзо се подава на стравот за самопреживување и во таа борба тој е подготвен да се откаже од сопствената личност и убедувања. Ако некој мисли дека човекот како битие мрднал една јота од Втората светска војна до денеска, тогаш немојте да продолжите да го читате ова. Помислете како реагиравме ние на сето она што сега Израел го прави во Палестина? М? Како реагирал човекот на логорите на смртта во кои биле напикани истите тие Евреи? Дури и оние што знаеле за нивното постоење? Каква е разликата во однесувањето на човекот како битие од 1939 г. до денеска? Никаква. Тоа си е човекот. Секој си ја глода својата коска, внимателно огледувајќи некој да не дојде да му ја грабне.
Драги мои, иако човештвото во последните сто години се движи со огромна брзина и во досега невиден технолошки прогрес, човекот и неговиот духовен развој не се далеку од времето кога човечкото битие такво какво што денеска го знаеме го дефинирале Диоген и Аристотел. Сидарта, Христос и Мухамед. Сенека и Аврелиј. Русо и Ниче. Да бидеме реални, од падот на „Бастилија“ во 1789 г., па до денеска, изминати се само нешто повеќе од двесте години. Тоа е многу малку време за еволуција кај човекот. Ние можеби сакаме да се разбираме и доживуваме себеси за многу поразлични од човекот во времето на антиката, од човекот на средниот век, од човекот на ренесансата и просветителството, од човекот во времето на модернизмот и времето сегашно? Но тоа не е така. За еволуција на човекот од хомосапиенс во друго – повисоко битие со различно повисока состојба на свеста и духот, потребни се десетици илјади години. А не десетици, како што дигиталниот ум на технофеудализмот ни го продава ова на пазарот на лаги и заблуди. Правите ли некаква разлика помеѓу Доналд Трамп и кој било римски император? Правите ли разлика помеѓу Хенри Форд и Елон Маск? Исто лудило, иста самобендисаност, иста грабливост, исти играчки што сакаат да ги поседуваат сега и веднаш! Тоа е.
„Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот“ е есеј, малку поголема статија напишана веројатно во 1915 година, во која Владимир Илич Ленин, на само една година пред Октомвриската револуција им реплицира на оние што го претставувале империјализмот како социјална реформа и уредување што ќе доведе до општ просперитет и светски мир. Социјалните реформи завршија прво во Југославија, а потоа како кула од карти се срушија на истокот од Европа. Тоталниот колапс беа распадот на Советскиот Сојуз, падот на државниот социјализам во Кина и свртувањето кон либералниот капитализам, кој се покажа само како преоден стадиум кон технолошки феудализам во кој, на запрепастување на Западот, доминираат руските олигарси и кинеските тајкуни. За општиот светски мир што го донесоа империјализмот и либерализмот нема зошто ни да се зборува. Светскиот мир заврши уште пред да започне – со формирањето на Обединетите нации, кои беа и останаа параван зад кој се крие правото на посилниот да војува легално! Тука завршува кругот на промени на општествените уредувања и почнува нов круг – наназад!
Можеби овде е крајот, драги мои? Во овој момент борбата не е против општествената промена, туку кон воспоставување суверенитет на територијата на која ќе владеат одделни технолошки феудалци. Исто како и во минатото. Европа ќе се расцепка на стотина таканаречени суверени држави, кои во суштина ќе бидат феудален посед на еден технофеудалец. Суверенизмот е маска зад која се кријат интересите на суверени технофеудалци. И мене тоа не ме загрижува. Ме мачи фактот дека ние можеме – а не создаваме сопствен, суверен технофеудализам. Ако оставиме празен простор и не се подучиме од историјата, логично е таа да ни се повтори, па други ќе ни го востоличат „нашиот феудалец. Како со Самуил и Марко.
П.С. Може ли од сето ова да извлечеме една радикална теорија за суверенистичкиот феудализам како преоден стадиум кон робовладетелството? .
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа прима“

































