Фото: Маја Јаневска-Илиева

По децении запуштеност, започна акција за чистење и уредување на Железничката станица во Скопје, објави на својот Фејсбук профил директорот на ЈП „Железници инфраструктура“, Синиша Ивановски.

На својата Фејсбук-објава, Ивановски сподели фотографии и видео од активностите, истакнувајќи дека Железничката станица треба да биде гордост на главниот град, а не запуштен и нерепрезентативен објект.

 – Декади запуштеност и немање институционална и општествена грижа, за жал, ја претворија во тотално нерепрезентативен објект, „накитен“ со билборди, постери, графити, несоодветни содржини и недоволна хигиена“ – напиша Ивановски.

Тој информира дека во рамки на акцијата се отстранети сите билборди и светлосни реклами, освен една, за која е даден рок од седум дена да биде отстранета.

Според него, отстранети се и информативните постери што со години биле наталожени, а во тек е и генерално чистење на објектот.

Ивановски најави дека ЈП „Железници инфраструктура“, во соработка со Архитектонски факултет, работи на проект за целосна реконструкција на Железничката станица, додека со ИЗИИС се врши проверка на конструктивната состојба на објектот.

 – Процесот на враќање на нормалниот изглед на Железничката станица нема да биде лесен, но важно е да се почне денес – порача Ивановски.

Тој додаде дека во рамки на објектот функционира и полициска станица на Министерство за внатрешни работи, при што им се заблагодари за соработката и поддршката во акцијата.