Променливо и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и силен ветер се очекува денеска низ земјава, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи.
На повеќе места ќе има врнежи проследени со грмежи и засилен северен ветер, кој локално може да достигне брзина и над 50 километри на час.
Според прогнозите, на одделни места се очекуваат и поинтензивни временски процеси, во форма на невреме со обилен пороен дожд, силен ветер над 60 километри на час, грмежи и услови за изолирана појава на град.
Минималните температури ќе се движат од 9 до 16 степени, додека максималните дневни ќе бидат во интервал од 21 до 28 степени Целзиусови.
Во Скопје се очекува променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината можно е краткотрајно невреме со интензивен дожд, засилен ветер и изолирана појава на град. Температурата ќе се движи од 14 до 26 степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на новата седмица времето ќе биде сончево и топло, со мала до умерена облачност, но во попладневните часови повторно ќе има услови за локална нестабилност со дожд, грмежи и засилен ветер.































