Фото: ЕПА

Во Белград попладнево и вечерва се одржа голем мирен протест на кој повикаа студентите во блокада под мотото „Ти и јас, Славија, затоа што студентите победуваат“, во обид да обноват повиците за предвремени избори. Илјадници граѓани на Белград и од други градови во Србија беа на плоштадот Славија.

Студентите во блокада имаа собири на четири локации во Белград, од каде што се упатија кон Славија каде неколкупати одржаа протести од кои минатогодишниот протест, на 15 март, се смета за најголем досега одржан во поновата историја на Србија. Во меѓувреме, студентите организираа акции за делење и лепење налепници „Студентите победуваат“ и печатење на дуксери и маички, како и капи со тој натпис.

Кон студентите се придружија и голем број актери од театрите во Белград.

Нема конкретен одговор од властите за студентско барање за распишување избори истакнато првпат лани во мај.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четвртокот објави досега најпрецизна изјава дека изборите ќе се одржат во периодот од крајот на септември до средината на ноември повторно повикувајќи ги „блокадерите“ на дијалог.

Повиците за предвремени избори произлегоа од антикорупциското движење што почна по уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година кога загинаа 16 лица. Беа упатени повиците за транспарентна истрага за тоа што се случи и потоа се претворија во притисок за предвремени избори.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, синоќа објави дека во изминатата година состојбата со човековите права во Србија се влошила наведувајќи за напади врз активисти и новинари, намалување на граѓанскиот простор и наводни полициски злоупотреби на протестите. Сумирајќи ја посетата, комесарот истакна дека падот на кредибилитетот на државните институции одговорни за човековите права мора да се запре и поправи.