Македонија има една фалинка што постојано се јавува од почетокот на самостојноста до денес. Кога ќе се појави можност за голем исчекор, голема реформа, можност да се смени животот на граѓаните, ние како по некое непишано правило успеваме да го направиме првиот чекор, понекогаш и побрзо од другите, но потоа застануваме на половина пат, оставаме како што било направено, без да се мисли како да се унапредува или одржува направеното.
Не секој се сеќава или, пак, знае дека во 2006 година Македонија беше првата целосно безжична држава со широкопојасна мрежа во светот. Деведесет и пет проценти од населението имаа покриеност, 461 училиште беа поврзани, а цената на интернетот падна од 120 евра на околу 10 евра месечно. Во тие години изгледаше дека државата конечно фатила чекор со времето. Еве ја шансата! Еве ја можноста! Први сме во нешто во светот! И што се случи потоа? Кој го занемари ова постигнување и кој не успеа да ја види големата слика што може да направи „малата“ Македонија за да стане препознатлива пред целиот свет?
Дваесет години подоцна, Македонија е на дното на европските рангирања за дигитална држава, додека Естонија е меѓу најдобрите во светот. Прашањето што денес треба да се постави е како е можно земја што беше пред сите во светот, денес да гледа во грбот на Европа и уште да држи семинари, прес-конференции и да пишува агенди за дигитализација?
Одговорот е незгоден, директен и поразителен. Македонија изгради интернет. Естонија изгради држава.
Кај нас дигитализацијата се сфати како инфраструктура, еве направивме нешто први во светот, се сликавме, се пофаливме и оставивме сето тоа да фаќа прашина. Кај Естонците таа стана филозофија на управување, на градење систем, на создавање нова ера за државата. Ние монтиравме антени, пуштивме кабли под земја и поврзавме училишта и институции. Тие создадоа систем во кој институциите комуницираат меѓу себе, граѓанинот има единствен дигитален идентитет, а државата функционира без лавиринти со папки и хартии, бесмислени шалтери, печати и уплатници и административно понижување буквално во секоја институција што треба да му служи на граѓанинот.
Во 1998 година Естонија обезбеди трајно законско финансирање за дигитален развој, претворено во еден отсто од буџетот за оди за дигитализација секоја година. Во 2001 година го воведе „Екс роуд“ (X Road), систем за комуникација меѓу државните бази на податоци. Во 2002 година воведе национален дигитален идентитет за секој граѓанин. Нема ништо спектакуларно во овие решенија. Нема црвени свечени ленти, нема политички аплаузи и вештачки насмевки за на насловна страница, нема патетични говори и ловорики за постигнатото. Но во тие мирни и административно едноставни одлуки се создадоа темелите на современата естонската држава.
Македонија остана заробена во балканската навика да мисли дека секој проект почнува и завршува со промоција. Ние сме први! Нема никој друг како нас! Ама, пак, кај нас многу работи се градат за да изгледаат убаво на телевизија, а не за да траат, да се развиваат и да создадат нова вредност. Затоа и дигитализацијата стана уште една македонска приказна за почетен ентузијазам и долгорочен заборав, темен и влажен подрум во кој се заметнати папките и документите.
Најстрашното во оваа приказна не е што Македонија изгуби технолошка предност и можност да се развие во технолошко чудо во Европа. Најстрашното е што изгуби генерации деца, фамилии, можности, пари и инвеститори. Додека Естонија создаваше стартапи, нови компании и економија што ги задржува младите дома, Македонија произведуваше иселување, разочарување, апатија, безнадежност и дупка без дно. Денес илјадници млади луѓе ја гледаат државата како чекалница за заминување, а не како место за иднината каде што ќе можат да ја користат технологијата за да направат бизнис, да ѝ помогнат на државата и да ја пишуваат историската приказна за македонскиот технолошки успех.
Тоа е вистинската цена на нефункционалната држава. Не се тоа само лоши рангирања и административен хаос. Тоа се празни училишта, затворени куќи, села без млади и родители што стареат сами, гледајќи ги децата преку телефонски екрани од Германија, Канада или од Австралија.
Македонија изгуби околу 200.000 жители од 2002 година, а повеќе од половина од младите изјавуваат дека сакаат да ја напуштат земјата. Тоа не е само демографија. Тоа е политичка и државна пресуда. Тивок, но жесток референдум на младите за тоа дали државата во која се родиле им нуди систем во кој вреди да се инвестира животот.
Лесно е денес целата вина да се префрли врз политичарите, врз корупцијата, врз соседите, врз идентитетот, јазикот, името или врз европските блокади. Сѐ е тоа дел од вистината. Но има и една грда и отрезнувачка вистина што ретко сакаме да ја признаеме. Македонија никогаш нема да научи дека државата не се гради со импровизации и дневна политика, со конференции и семинари, со панели и некакви си агенди што никој не ги чита, па уште помалку да ги реализира. Државата се гради со системи што траат подолго од мандатите и подолго од партиските желби за промоција на „владината програма“.
Естонија го сфати тоа кога требаше и кога дозна дека тоа е решението како да се фати чекор со светот. Затоа денес нејзиниот дигитален систем носи вредност, привлекува компании и капитал и создава доверба меѓу граѓанинот и институциите. Македонија уште е изгубена во ходниците меѓу шалтерите, печатите и папките, правилниците и упатствата, како една земја што меѓу првите влезе во интернет-ерата, а остана со администрација од минатиот век.
Ова е прашање за карактерот на државата. Дали Македонија конечно ќе стане земја што гради темели, а не фасади? Дали ќе научи дека иднината не се добива со семинари и фотографии каде што политичарите со лажни насмевки ќе ветуваат реформи и напредок, туку со тивка, упорна и долга институционална работа, која ќе биде натпартиска, државотворна и насочена кон доброто за секој граѓанин?
На Македонија денес не ѝ треба уште една кампања за дигитализација. Ѝ треба државен договор. И треба систем во кој институциите ќе разменуваат податоци без обичниот човек да биде курир на сопствената држава, да ги влече истите документи од шалтер до шалтер, да му се кажува дека „ние не сме надлежни, оди таму и таму“, па кога ќе отиде таму да му кажат „ти фали уплатница и печат“ и документ не постар од три месеци. На Македонија ѝ треба дигитален идентитет што ќе важи за сите. Ѝ треба законско финансирање што нема да зависи од избори, министри и тендери. Ѝ треба администрација што ќе го почитува времето на човекот.
Зашто историјата секогаш покажува сурова реалност, особено за губитниците. Не победува оној што прв ќе ја види иднината. Победува оној што ќе изгради систем што ќе може да живее во него, ќе може да го надградува и ќе може да им го олесни животот на сите што живеат таму. Македонија еднаш ја виде иднината. Други ја изградија. Сега останува прашањето дали конечно ќе научиме дека државата не се памети по првото отворање, туку по тоа што останува да функционира и се развива кога ќе си заминат камерите, кога ќе се изгаснат рефлекторите и политичарите конечно ќе можат да престанат да ги глумат нивните насмевки.
Кирил Колемишевски
































