Фото: ЕПА

Професорот Игор Јанев со нова теорија објавена во американско списание со висок фактор на влијание

  • Во својот труд, Јанев се обидува да ги поврзе филозофијата, физиката и космологијата преку нов пристап кон поимот „сила“, тврдејќи дека движењето и промените во природата и општеството не можат да се објаснат само со класичната дијалектика

Професорот Игор Јанев неодамна објави научен труд во астрофизичкото списание со висок фактор на влијание во областа на астрофизиката на Американското астрономско друштво – „Американско списание за планетарна и вселенска наука“ – во кој се обидува да понуди поинакво гледиште за тоа како функционираат промените во природата, општеството и во самиот универзум.

Огромно постигнување што ќе отвори многу научни дебати

Говорејќи за значењето на трудот и неговата објава во престижно научно списание, професорот Јанев за „Нова Македонија“ ќе потврди дека ова за него е огромно достигнување.
– За мене објавувањето на трудот во американско научно списание за астрофизика има најголемото значење во севкупната моја научната дејност. Идејата дека од „нултиот простор“ или филозофски од „ништото“ се креираат новите елементарни честички е револуционерна, како за физиката така и за филозофијата. Конечно, дилемата на Алберт Ајнштајн „дали вселената е ограничена доби свој конечен одговор: ограничена е! Според мојата филозофска методологија на мета-дијалектика, севкупниот развој се заснова на противречноста меѓу ништото и нештото (како основните спротивставености во заемно единство), а ова има импакт на објаснувањето на космолошкото ширење на вселената, потоа темната материја и флуктуациите на „квантниот вакуум“ – објаснува професорот Јанев.
Тој додаде дека очекува оваа негова теорија да поттикне поширока научна дебата и интерес кај истражувачите од различни области.
– Да, очекувам да се развие дебата во однос на мојата нова теорија. Имено, уште од основното училиште учевме дека „материјата“ е составена од: 1. супстанција, 2. енергија, 3. физичко поле. И дека сите други категории, како и категоријата „сила“, произлегуваат од тие три компоненти на „материја“. Според мојата теорија и откритие, меѓу трите овде наведени компоненти на материјализмот како примарна инхерентна компонента треба да се вклучи и четвртиот елемент при дефиницијата, а оваа основна компонента треба да биде „силата“ или „интеракцијата“. Кога „силата“ е пофундаментална од енергијата и масата, тогаш се менуваат основните физички темели, почнувајќи од Лагранжовата равенка, па сè до равенките на општата теорија на релативноста! Во областа на физиката и особено во областа на филозофијата (онтологија и гносеологија), целото разбирање на универзумот се менува и се разбира на поинаков начин – посочува професорот Јанев.
Запрашан колку е тешко денес да се пласираат вакви интердисциплинарни идеи во светската академска јавност и дали смета дека науката има потреба од повеќе „излегување“ надвор од класичните рамки, професорот излегува со свое гледиште.
– Колку што јас ги познавам посовремените движења во филозофијата, мојот труд е единствен по поврзување на филозофијата со физиката, односно астрофизиката. Имено, кај физичарите постои голем скептицизам дека професионалниот филозоф може да даде каков било придонес во областа на физичката космологија, која во модерното време е базирана на најнапредната математика. Од друга страна, и самите филозофи немаат поттик да се занимаваат со астрофизика или космологија. За да создаде еден таков мултидисциплинарен труд, за кој е малку веројатно дека ќе биде објавен, еден филозоф би потрошил време во кое би можел да создаде стотина други труда во својата матична област каде што веќе има експертиза.
Во кратки црти кажано, според моите сознанија, овој мој труд со кој ги поврзувам метафизиката (односно метадијалектиката) и физиката е единствен од ваков тип досега – заклучува Јанев.

Игор Јанев

Што обработува научниот труд на професорот Јанев објавен во американското списание

Трудот на професорот Игор Јанев обработува сложена филозофско-научна тема, но неговата главна идеја е мошне едноставна: според него, сите промени во светот се движат под влијание на одредена „сила“, која досега не била доволно објаснета во класичните филозофски теории.
Јанев тргнува од дијалектиката – филозофски правец што го развивале Хегел и Маркс, а кој се темели на идејата дека развојот на светот се случува преку судир на спротивности и конфликти. Но, според него, овие теории не објаснуваат доволно што е тоа што ги придвижува и забрзува промените.
Токму затоа, Јанев го воведува концептот на „сила“, инспириран од законите на Њутн во физиката. Како што силата во физиката предизвикува движење, така и во општеството, политиката или космосот постојат сили што ги туркаат процесите напред. Според неговата теорија, не е доволен само конфликтот за да настане промена. Потребен е двигател – сила што ќе го активира процесот. Таа сила може да биде политичка, економска, социјална или космолошка.
Особено интересен дел од трудот е обидот да се поврзат филозофијата и модерната космологија. Јанев смета дека универзумот не треба да се гледа како статичен систем, туку како постојано динамична структура што непрекинато се менува.
Во таа насока, тој го користи и поимот „метадијалектика“, што претставува проширена верзија на класичната дијалектика. Наместо сè да се сведува само на судир на спротивности, Јанев тврди дека најважни се односите и поврзаноста меѓу појавите. Според него, ништо не постои изолирано – сите процеси во природата, општеството и во космосот се дел од поширока мрежа на влијанија и односи. Затоа, ниту универзумот не може целосно да се разбере ако работите се анализираат одделно.
Јанев смета дека ваквиот пристап може да се примени не само во физиката и филозофијата туку и во политиката и меѓународните односи. Според него, и државите и цивилизациите се движат под влијание на различни сили – економски, културни, идеолошки и воени. Иако трудот користи сложен научен јазик, неговата главна порака е јасна: светот постојано се менува, а зад тие промени постојат сили што дејствуваат како двигатели на развојот.
Со оваа теорија, Јанев се обидува да отвори поширока дебата за тоа што навистина ги придвижува процесите во природата, општеството и во универзумот.