Проф. д-р Елка Јачева-Улчар, ексклузивно за „Нова Македонија“ по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј – 24 Мај, во две продолженија пишува за историскиот развој на македонскиот јазик, од неговите корени, преку дејноста на средновековните книжевни школи, грамотите и дамаскините како клучни сведоштва, евангелијата на македонски дијалекти, пионерите на македонската културна преродба Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, Младата македонска книжовна дружина во Софија и списанието „Лоза“, до Првото заседание на АСНОМ и македонскиот јазик во денешно време
Одлуката на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година за прогласување на македонскиот јазик за службен јазик на новоформираната македонска држава – Демократска Федерална Македонија во рамките на Демократска Федеративна Југославија – претставува пресвртна точка во историскиот развиток на македонскиот литературен и национален идентитет. Со овој чин, македонскиот јазик за првпат добива официјален статус како посебен и различен од соседните словенски јазици, српскиот и бугарскиот.
Ваквиот пресек во националната историја на јазикот не е изолиран настан, туку резултат на долготраен културен и лингвистички процес. Неговите корени се протегаат од словенската писменост создадена врз македонска јазична основа, преку средновековните писарски школи и нововековната книжевна традиција, до преродбенското и научното осознавање на јазичната посебност во XIX и XX век.
Значењето на овој историски процес е мајсторски сумирано од славистот и македонист Реџиналд де Бреј, кој забележува: „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски.“ Со оваа оценка, Де Бреј ја легитимира научната вистина која одамна ја прифаќа славистиката: дека токму македонските говори од Солунско ја сочинуваат јазичната основа на првиот словенски литературен јазик – старословенскиот.
Во историскиот развој на македонскиот јазик и книжевност особено значење имаат два книжевни центри – Охридската и Кратовско-лесновската школа, кои ја оформиле македонската варијанта на црковнословенскиот јазик. Охридската школа, основана во IX век од Климент Охридски, ученик на Кирил и Методиј, ја засновала преведувачката и книжевната традиција на јазик близок до народниот, користејќи глаголица што таму се задржала до XI век, за што сведочат глаголските ракописи – Зографското, Асемановото и Мариинското евангелие. Во охридскиот средновековен книжевен центар се создадени и најстарите кирилски ракописи, како што се: Добромировото евангелие (од почетокот на XII век), Битолскиот триод (од втората половина на XII век), како и ракописите од XIII век, Охридскиот апостол и Болоњскиот псалтир. Во XIV век, на североистокот, се појавила Кратовско-лесновската школа, која, користејќи кирилица, ги продолжила охридските традиции и создала дела како Лесновскиот паренезис, Станиславовиот пролог, Вранешничкиот апостол, Хлудовиот паримејник и др. Двете школи, со зачувување на архаизми и почит кон старите словенски текстови, претставуваат живи центри на преведувачка и препишувачка дејност, преку кои се унапредува писменоста и македонските говорни особености добивале текстуален израз, втемелувајќи ја македонската варијанта на црковнословенскиот како значаен фактор во развојот на словенската култура.
По книжевните школи од средниот век, суштинска улога во натамошниот развиток на македонскиот јазик одиграле грамотите и дамаскините, кои се вистински сведоштва за тоа како писменоста полека почнала да се приближува кон народниот говор. Трескавечките грамоти од XIV век, издадени од цар Стефан Душан за манастирот Трескавец, иако создадени во рамките на српската канцеларија, содржат јасни јазични црти на македонскиот народен говор, со што се потврдува нивното исклучително значење како најрани административни текстови со локален јазичен колорит. Во XVI век, под османлиска власт, овој процес станува сè поочигледен: црковнословенскиот јазик, иако задржан во богослужбата и книжевната традиција, се приближува кон живата говорна практика, што резултира со поедноставување на правописот, исчезнување на носовките, редукција на падежните форми, воведување на членска морфологија и проширување на лексичкиот фонд со зборови од секојдневниот живот. Ваквите тенденции се особено видливи во Крнинскиот дамаскин од XVI век, кој претставува мост меѓу црковнословенската традиција и народниот јазик, како и во Тиквешкиот зборник, зачуван во 123 листа со разнородни книжевни текстови, каде што недвосмислено се регистрираат граматички и лексички особености од македонскиот говорен ареал. Овие споменици јасно сведочат дека уште во средниот век народниот јазик започнал да се интегрира во книжевната и документарната практика, воспоставувајќи континуитет што води кон современиот македонски литературен јазик. Во нив се регистрираат клучни јазични процеси карактеристични за македонскиот говор, како аналитичкото образување на компаративот и распаѓањето на падежниот систем, што недвосмислено упатува на нивното создавање на македонски терен од македонски писари. Така, народниот јазик не останал ограничен само на усната комуникација, туку свесно се интегрирал во писмената традиција, трасирајќи ја патеката кон неговата кодификација.
По средновековните книжевни школи и ракописната традиција што ја продолжија грамотите, дамаскините и зборниците, XIX век донесува нова етапа во историјата на македонската писменост. Ова е век на промени, но и на континуитет – време во кое на површината доаѓа судирот меѓу старите престижни кодови и народниот јазик, кој полека, но сигурно, започнува да се пробива како рамноправен носител на книжевната култура.
Грчкиот и црковнословенскиот јазик со векови претставувале центри на книжевен престиж и авторитет. Во јужните краишта на Македонија, особено во Охрид и Костурско, грчкиот јазик имал највисок социјален статус. Тоа влијание било толку силно што на многу места словенската писменост била речиси заборавена, а македонските дијалекти биле бележени со грчка азбука. Најпознат пример за оваа појава е „Четиријазичникот“ на Даниил, печатен во Венеција во 1794 година. Иако авторот немал цел да го афирмира македонскиот, туку преку него да им помогне на Македонците, Власите и Албанците полесно да го совладаат грчкиот јазик, самиот факт дека македонскиот бил вклучен во еден печатен текст, рамо до рамо со грчкиот, е сведоштво за неговото реално постоење и јазичен углед. Народниот говор бил фатен „во живо“, со сите свои фонетски и лексички особености, и тоа во момент кога книжевната сцена, сè уште, им била наполно подредена на црковните и на грчките модели.
Овој тренд продолжува и во текот на XIX век, кога се јавуваат четири особено значајни споменици – Кониковското, Кулакиското, Трлиското и Бобошчанското евангелие, создадени во втората половина на векот. Тие се напишани на македонски дијалекти, но со грчко писмо, и претставуваат уникатни документи за историјата на македонскиот јазик. Кониковското евангелие, на пример, го документира долновардарскиот говор, со неговите специфични граматички и лексички црти, а Бобошчанското го претставува корчанскиот дијалект, со својата препознатлива фонетика и локална лексика. Овие ракописи не се само преводи на свети текстови; тие се живо огледало на народниот говор, со сите негови мешавини и влијанија – од грчки, турски, па дури и романски зборови, до автентични словенски форми што ја потврдуваат континуираната употреба на македонската реч во духовниот и образовниот живот.
Паралелно со тоа, на книжевната сцена, сè уште, силно присуствува црковнословенскиот јазик, кој ја задржува својата функција во литургијата и црковната литература. Но во XIX век јасно се гледа како црковнословенскиот постепено попушта пред народната реч. Се појавуваат текстови со поедноставен правопис, со редуцирани падежни форми и со стабилизиран член, што упатува на тоа дека авторите свесно се приближувале до живиот говор. Таа тенденција го подготвува патот за големата промена: појавата на првите печатени книги на народен јазик.
Тука на сцена стапуваат Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, кои со право се сметаат за пионери на македонската културна преродба. Крчовски, со своите дела Слово исказаное заради умирание (1814), Слово заради завист (1814), Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова (1814), Чудеса пресвјатија Богородици (1817), Сија книга глаголаемаја митарства (1818), Различна поучителна наставленија (1819), печатени во Будим, го користи североисточниот македонски говор и настојува да пишува јасно и разбирливо. Пејчиновиќ, пак, пишува на тетовскиот дијалект, со особен темперамент и проповеднички стил, што најмногу доаѓа до израз во неговото Огледало (1816). За првпат, книгите што стигнувале до рацете на народот биле напишани на јазик што тие можеле непосредно да го разберат, без потреба од посредство на свештениците или на учителите со грчко образование. Самото тоа што овие дела биле печатени – со претплата организирана меѓу народот – говори за постоење на свест дека македонската реч заслужува да биде негувана и заштитена.
Во втората половина на XIX век оваа линија продолжува со нови имиња. Григор Прличев, иако на почетокот пишува на грчки и добива голема слава како „втор Хомер“, подоцна свесно се враќа кон својот народен јазик, држејќи беседи и пишувајќи дела со охридски говор. Јордан Хаџи-Константин Џинот (1820–1882) од Велес е уште една значајна личност од XIX век, чиј јазик ги спојува словенската традиција и влијанијата од западниот свет. Иако го нарекува својот јазик „славено-болгарски“ или „болгарски“, тоа име во тогашниот контекст означува народен словенски јазик, а не национална припадност во денешна смисла. Неговиот израз бил различен од бугарската писмена норма, што го покажува и критиката во „Цариградски вестник“ (1851), каде што неговиот јазик бил оценет како „неразбирлив“ за бугарските читатели. Џинот настојувал да најде рамнотежа меѓу архаизацијата и зачувувањето на локалниот лексички фонд, градејќи книжевен израз што стои поблиску до македонскиот народен говор. Партениј Зографски (1818–1875) настапува со поинаков пристап, инспириран од илирската идеја за словенско обединување. Тој предлага заеднички книжевен јазик за Бугарите и Македонците, заснован врз македонското наречје, кое според него е „побогато и полнозвучно“. Во делото „Мисли за болгарскиот јазик“ (1858) ја разработува оваа замисла, но неговиот предлог не е прифатен од бугарската интелигенција и учители. Отпорот кон ваквиот модел, сличен на оној со кој се соочува и Шапкарев, ја покажува длабоката поделба околу иднината на книжевниот јазик на македонските Словени.
продолжува
Проф. д-р Елка Јачева-Улчар
Авторката е научна советничка во Институтот за македонски јазик
„Крсте Мисирков“ – Скопје
































