Македонија како алтернативна дестинација може да профитира од кризата

ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА СО НЕИЗВЕСНОСТИ

  • Најпогодени ќе бидат земјите од Блискиот Исток, кои можат да загубат до 80 милијарди долари. Затоа, пак, се очекува наплив на туристи во Хрватска или во Шпанија. Меѓутоа се очекува да има поголем интерес за „алтернативни“ и поевтини дестинации – земји како Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија може да привлечат туристи што бараат поевтини одмори од Западна Европа. Но проблем остануваат инфраструктурата, транспортот и услугите

Турбулентноста на почетокот од 2026 година на повеќе полиња донесе уште една криза што го погоди целиот Блиски Исток со конфликт што креира економски шок во светски размери. Веќе ја живееме реалноста кога секоја втора информација е за цената на нафтата, можната инфлација и економската криза за државите што нема да можат да ги амортизираат овие ценовни шокови. Повеќе пати сме ги анализирале влијанието на пандемијата, енергетската криза, конфликтот во Украина, војната во Газа и воениот конфликт на Блискиот Исток врз туристичките текови и загубите од истите тие. Само од конфликтот на Блискиот Исток, од туризам регионот ќе изгуби од 60 до 80 милијарди долари и ќе има голема неизвесност за временската рамка за обновување на туристичката индустрија на ниво како во 2025 година. Тоа се однесува најмногу за Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои од најпосакувана дестинација за туристите со моменталната криза ги затвораат привремено најпознатите атракции.
Многумина сметаат дека оваа криза во туристичката индустрија и генерално светската економија ќе заврши со самиот конфликт, но истата таа толку ја разбранува светската економија со што експертите очекуваат дополнителни бумеранг-ефекти. Ваквиот тип случувања го стеснуваат просторот за долгорочни планирања и се потпираат на среднорочни, кои сѐ повеќе имаат флексибилност и оперативност што претставува дел од кризниот менаџмент. Кризата со нафтените деривати, производ што се вградува директно или индиректно во секој производ, ги ревидира ценовните политики и создава притисок врз економиите со зголемен инфлаторен ефект, кој ретко кога може да биде менаџиран без интервенција со владини мерки и олеснувања за различни целни групи.
Туристичката индустрија е уште повеќе директно и индиректно погодена од нестабилноста и честите турбуленции со најпотребните ресурси, односно креираните цени и уплатени аранжмани за 2026 година претрпуваат драстични менувања на цените поради новите реални случувања со керозинот, нафтата и укинувањето на одредени авионски линии.
Генерално туроператорите се соочуваат со: повисоки трошоци за чартер-летови и генерално транспортот; намален профит; поскапување на аранжманите и незадоволни клиенти; откажување на одредени аранжмани и програми поради неисплатливост, но важи само за најголемите туроператори, кои ги диктираат условите или во многу случаи стратешки се значајни за развој на одредени туристички дестинации. Туроператорите што се со помал обем или опслужуваат дестинации и туристи со поскромен буџет со неможност да склучат стабилни договори за чартер-линии и откупуваат седишта ќе го примат најголемиот удар од моменталната состојба и се очекува 5,3 отсто од истите тие да ги затворат своите компании до крајот на 2026 година на светско ниво. Доколку истите тие се адаптираат кон автобуски тури, регионални патувања и оптимизација со голема пополнетост на пакет аранжманите можеби и ќе успеат во напорите да го амортизираат минусот или да останат стабилно рентабилни со можност во 2027 година да направат длабоки реструктурирања во својата работа.

Како новата состојба ќе се одрази врз туристите?

Во ваквата туристичка неизвесна клима, туристите директно се засегнати и ќе почувствуваат притисок: поскапи авионски билети; дополнителни такси за гориво; поскапи хотели, екскурзии и услуги; избор на ограничени поблиски дестинации; пократки одмори поради буџетските ограничувања што ќе овозможи експанзија на патувања со автомобил, воз и автобус, како и поголем број домашни туристи во домашните дестинации.
Мораме да истакнеме дека одредени дестинации и за сезоната 2026 година објавија зголемување на цените од 15 до 40 отсто во зависност на видот на услугата или др. Очигледно е дека туризмот станува привилегија за тие со подлабок џеб, но ваквите кризи ги поттикнуваат дестинациите што сѐ уште се потпираат на масовниот туризам да започнат со дестинациски менаџмент. Овој менаџмент треба да се насочи кон авантуристички и уникатни форми на понуда, кои се многу попрофитабилни и овозможуваат долгорочна одржливост.

Како ќе се одрази врз туристичките дестинации?

Дестинациите што нудат луксузен туризам воопшто и нема да имаат падови во туристите туку можат дополнително да станат атрактивни со воведување атракции за одредени целни групи и уникатни искуства, кои се поврзани со индивидуални искуства.
Најголемиот удар ќе го претрпат дестинациите што се блиску до конфликтот или во него, како и дестинациите што се потпираат на нискобуџетни гости, кружни туристички патувања или се поврзани со нискобуџетни авионски компани, кои сѐ повеќе имаат проблем со рентабилноста и стабилното одржување на одредени дестинации со летови.
Сепак едно е веќе јасно, Шпанија, Франција, Хрватска, Грција ќе бидат попосетени во 2026 година поради неможноста за патување на туристите на Блискиот Исток, односно туристичките текови не застануваат, туку се пренасочуваат.
Генерално би ја опишале 2026 година во туризмот на следниот начин.
Помал број туристи со среден буџет – кога растат цените, инфлацијата и несигурноста, луѓето прво кратат на патувања. Се очекува туристите да патуваат пократко, поблиску и поевтино.
Поскап туризам – авиобилетите, хотелите, енергијата и храната веќе растат. Тоа ги погодува особено дестинациите што зависат од масовен туризам.
Промена на туристичките текови поради безбедност – дестинации блиску до конфликти или нестабилни региони губат посетители, додека „побезбедни“ земји добиваат повеќе туристи. На пример, дел од туристите од Блискиот Исток се пренасочуваат кон нашиот јужен сосед и јужна Европа.
Луксузниот туризам ќе биде поотпорен – побогатите туристи продолжуваат да патуваат и во кризи, додека средната класа најмногу штеди. Затоа елитните центри и премиум-понудите веројатно ќе поминат подобро.
Поголем интерес за „алтернативни“ и поевтини дестинации – земји како Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија може да привлечат туристи што бараат поевтини одмори од Западна Европа. Но проблем остануваат инфраструктурата, транспортот и услугите.
Домашниот туризам ќе расте – повеќе луѓе ќе избираат викенд-одмори во сопствената земја наместо далечни патувања.
Сепак, кога нашата земја е во прашање, пред нас постои период кога бројот на авионски линии и број на седишта треба да се стабилизираат со што помала изложеност на нискобуџетски авионски компании. Тоа е потребно поради фактот дека инфраструктурата за автобуски и железнички сообраќај не е на завидно ниво уште неколку години и туристичката индустрија не може во моментов да има голем број алтернативни можности. Уште повеќе загрижува фактот дека секоја петта туристичка агенција за 2025 година прикажала загуба, што јасно ги прикажува моменталната состојба и кревкоста на самиот сектор. За да се подобри оваа состојба, потребни се брзи и решителни владини политики насочени кон помагање на голем број агенции во туристичкиот сектор, како и дополнителна поддршка за домашниот туризам. Без јасни чекори со предвидливи и мерливи резултати од страна на Министерството за култура и туризам, како и Владата ќе чекаме прелевање на туристите од соседите на дневни или еднодневни екскурзии со минимален вонпансионски ефект врз дестинациите. Еднаш и засекогаш треба да се разбере дека туризмот не е статистика, туку долгорочни планирања што создаваат трајни вредности и успеси.

Доц. д-р Љупчо Јаневски, Универзитет „Скопје“