Пред она што веќе се случило, повторно да се случи

За тебе ќе ги симнам ѕвездите!
Не мора ништо да симнуваш. Внеси ги Бугарите во устав.
Крупен план. Бакнеж. Заминуваат фатени за раце накај зајдисонцето. Кон Европската Унија. Исклучувам телевизор. Збунет сум. Што, по ѓаволите, се случува? Излегувам да прошетам низ населба. Копиљаците се растрчале на сите страни. Изгледаат крајно разиграно. Чудно! Вообичено, дури и кога се во група, сами се. Секој се ѕвери во својот мобилен телефон. „Што им е на децава?“, го прашувам првиот комшија на кој налетувам. „Си играат ‘Бугари во устав’, некоја нова игра што многу ги возбудува“, ми вели и заминува по свој пат.
И маалските мудреци седнати околу гајбите изгледаат како монаси во будистички манастир. Молчат и гледаат пред себе. „Што ви е?“, ги прашувам, „Да не се вработи некој од вас, па сега ви недостасува?“ Истовремено ги подигнуваат своите погледи кон мене. Изгледаат како вонземјани да загосподариле со нив. Потоа сите се вртат кон едниот, кој се исправа пред мене како портпарол. „Не е важно што државата направила за тебе“, вели, „туку колку Бугари, ти внесе во устав“. Бегам од нивна територија, ама кратко ми трае бегањето, оти нозеве сами запираат. Гледам околу себе стварност налик на халуцинација. Секој што тргнал по своја работа, запира, се стаписува. „Прес! Прес! Прес!“, излегува од нивните усти како сите да се дел од некоја Б хорор продукција. Истовремено вадат мобилни телефони и вклучуваат прес на Венко Филипче, кој „пее“ за Бугари во Уставот.
Жива вода направен, панично се будам пред вклучениот телевизор на кој новинарката, чија возбуда тешко ја задржува кадарот, зборува за неопходноста на внесувањето Бугари во устав доколку сакаме во Европската Унија. Го исклучувам телевизорот. Океј, си велам, смири се, утро е, потребен ти е твојот ритуал за квалитетно будење: спреми си брзо кафе, запали цигара, внеси Бугари во уст… Не(!!!), крикнувам со три извичника и повторно се будам. Овој пат е тишина во собата. Сива облачна светлина ми си разлева преку прозорец низ постела. Сон во сон, помислувам палејќи цигара, тоа е, се случува, малку ќе ме држи вознемирен кошмарот, ама ќе испари од мислите кога ќе фатам да правам мусака, само треба да тркнам до продавница за да купам компири, кромид, мелено месо, доматен сос и… „И додај како зачин Бугари во Уставот“, ми „запејува“ Филипче облечен како Карапанџа од темниот агол на кошмарот, кој не завршува.
Аман, дајте да направиме нешто со Уставот! Не, не, воопшто не ме фати на кондиција, напротив, јас ниту сакам во ЕУ, ниту ме вознемирува фактот дека Унијата не знае кај тера, ама бидејќи знам дека речиси сите сакате да се напикате во неа, еве ви од мене компромисно решение, како да си го олесните патот кон оние што не сакаат да нè примат како Македонци уште од Лисабонска декларација. Внесете ги СДСМ како Бугари во Уставот. Највисокиот врз и уште три илјади и кусур фанатични членови, точно колку што на последниот попис се изјаснија како бугарско малцинство. Сдсмјаните впишани како Бугари ќе бидат еден вид гаранција, ќе им го чуваат местото на оние вистинските, ЕУ ќе даде гаранции дека ова е последно барање што го толерира од Софија, ќе потпишеме договор дека уставните промени стапуваат во сила со наш влез во Унијата и штом тоа се сврши, привремените бугарски сдсмовци ќе им го отстапат местото на оние правите или којзнае, може ќе им се уарни, може конечно ќе се пронајдат себеси како благонадежни, иако одамна звучат така.

Патем, не верувам дека Филипче ќе прави проблем. Човекот има флексибилен ’рбет. Со Заев и Ковачевски се нордистанска верзија на „Дисциплина кичме“, иако лошо пеат по туѓи ноти, а соседите им го дисциплинираат ’рбетот како сакаат. „Одозгора на тога“ левитира над политичката монотонија. Вчера беше вмровецот на Груевски, а веќе денес е социјалдемократ отсекогаш. И уште е лидер на партија, која од комунистички фундаментализам за три секунди се прешалта во демократија, демек наследник на асномските патриоти, ама патриотизам не ѝ доликува. И што е најважно, космополит е. Во едниот џеб современ македонски идентитет според бугарски нацитерк, во другиот џеб привремена златна виза од Емиратите, во срцето ЕУ и НАТО, значи Запад го запишува, но и Истокот не го отпишува, се плаши само од Кина и Русија, што е нормално, ама па љуби босанска музика, српски вакцини и секако потсетува на лик од романот „Mein kamm“ (се изговара „Мајн кам“ – сами истражете за што пишувам) од унгарскиот гениј со еврејско потекло, Ефраим Кишон.
Знам, знам, си ја барам бељата. Сеедно што не сум дел од Алфа телевизија, веќе утре може да завршам на сдсмовска прес-конференција, натоварен со опскурни обвинувања по кои ќе следуваат закани дека како уредник на сопствената колумна ќе ме изеде темницата кога сплотениве како снопови ќе ја вратат власта во рацете на народот… народот од нивна партија. Не дај боже некој да им каже дека освен проекти за Хрватска и Албанија, работам и филмска адаптација на босански роман за српски продуцент што живее во градот кај што е роден и оној Кишон, кој често го споменувам. Ама па јас сум од оние циници што нема да се чудат, туку напротив, познавајќи го тукашниот менталитет, речиси сум убеден дека нивното враќање во рацете на моќта, сосема е возможно да се случи, и тоа по идентичен терк како оној од пред десет години, со специјална војна, прислушувани разговори, впрегнато шуто и рогато од шарената интелектуална бижутерија, немање мнозинска поддршка, ама со државен пуч финансиран од „меѓународната“, читај САД и ЕУ. А кога тоа ќе бидне и сите ќе се „чудат“, зарем е возможно фарсата да ни се повторува како историја, овие ќе тргнат во сурова одмазда бидејќи го ветуваат тоа.

И повторно ќе скапуваат во притвори и затвори невини луѓе поради политичко-обвинителски, судски монтирани случаи, додека сите други ќе ги набијат главите во песок, идентично како што веќе се случи, оти знаете што(?), па се промени власта на оние црпнати од западните богови, а предводени од Дарт Бејли до власт без победа на избори, помогнати со западни грантови, тиранска платформа, криминалци во неуставното СЈО, медиумски одработувачи, значи се промени таа власт, ама ниту едно од овие злосторства против човештвото и велепредавства не се казнети, напротив, сè повеќе слушам наратив каде што тие злодела против Македонија и Македонците, стануваат, демек наша жртва на патот кон Европската Унија. Извинете, ништо не сме жртвувале за тоа грозно дело во Преспа да се случи, напротив, многумина жртвуваа сè за да не стигнеме дотаму, жртвувани се Македонија и македонскиот идентитет на олтарот на безумноста и таа ликвидација не е наша жртва, туку нечие конкретно злосторничко здружување.