Џек Врабецот

Ретко кој не ја изгледал популарната филмска франшиза „Пиратите од Карибите“ со Џони Деп како Џек Спероу или Врабецот, со Кира Најтли, Џефри Раш и со Орландо Блум. Најчесто не се прави разлика помеѓу гусар и пират, но таа навистина е доста изразена. Гусарите можеле да бидат или пирати – дејствувале за својот џеб – или цивилни сопственици на вооружени бродови сопственост на стопанот што стои зад нив и ги заштитува. Најпознато и најраширено гусарство било организирано од Кралството Англија за време на владеењето на кралицата Елизабета. Некогашните пирати со кои кралството тешко се справувало биле повикувани на договор. Потоа тие станале гусари поддржани од Англија во нивното пљачкосување на трговски и воени бродови на земјите ривали, колонизатори – Шпанија, Португалија и Франција. За своите активности, тие добивале кралски или гусарски писма со кои ги правдале своите постапки, но наедно им била загарантирана слободата за дејствување. Најпознати гусари биле Френсис Дрејк и Хенри Морган.
Карибите биле царството на гусарите и пиратите. На морските широчини се појавиле ривали на пиратите познати како буканири. Една од престолнините на пиратите подоцна освоена од гусарот Морган, бил Маракаибо, денес двемилионско пристаниште во Венецуела. Овој пират џентлмен ја освоил и Панама, а го формирал познатото гусарско седело Порт Ројал на јужните делови од Кингстон, главниот град на денешна Јамајка. За Тортуга, остров во непосредна близина на Хаити, во тогашните политички кругови се говорело дека е Содома и Гомора и место за порочни забави на гусарите. Капетанот Морган никогаш не би можел да ги постигне тие свои „успеси“ доколку не бил поддржан од Кралството Англија.
Што се однесува до Френсис Дрејк, се знае дека бил англиски морепловец, гусар, трговец со робје. Бил втор по команда кога Англичаните извојувале целосна победа над шпанската армада кај Ламанш. Одликуван за своите способности и целосно посветен во одбраната на англиските интереси, од страна на кралицата Елизабета е именуван за вицеадмирал. Бил директно потчинет на адмиралот Хауард и кралицата. Легендата зборува дека на неговиот екипаж му биле потребни четири дена да го претовари богатството од запленетиот шпански кораб „Какафуего“ на брегот на Перу. Гусари под разни имиња, но со исти нелегални активности имало и во Јужнокинеско Море, на Мадагаскар, Малезија, па и на Медитеранот. Постоеле гусари и ускоци во Сењ, Јужна Далмација и во которскиот залив.
Откако за себе и своите екипажи, гусарите претерале во „одбраната“ на кралските интереси, адмиралот Хорацио Нелсон со писмо ѝ се обраќа на кралицата Елизабета, во кое вели дека гусарите се срам за која било држава што стои зад нивните брутално изведени дела и дека треба веднаш да се стават во јарем, односно да се стопандисаат. Капетанот Вилијам Кид, кој по враќањето од Индија е сослушан пред парламентот во Лондон, а потоа и обесен, криел поголем дел од пленот во пристаништа каде што одморал и се снабдувал со храна и вода, закопувајќи го на скришни места. Оттаму и приказните за островите полни со богатство. Едноставно, тој не смеел да краде повеќе од поголемите арамии. Како и да е, нашиот јунак од поново филмско време Џек Спероу или Врабецот, несомнено е личност што ќе ја засакаме и на која сме подготвени да ѝ простиме за шармантните подлости, итрината и снаодливоста како дел од неговиот карактер во борбата со корумпираните англиски офицери и прекуморски гувернери. Тие биле поголеми пирати од него бидејќи многу повеќе ја злоупотребувале поддршката од страна на државата.

Што се случува денес? Дали нештата се поинакви отколку во минатото? Можеби да, можеби не, но едно е сосема сигурно. Амбиентот, оружјето и постапките се многу пософистицирани, а методите исти. Карибите повторно се претворија во зовриен гусарско-пиратски вир, Атлантикот и Тихи Океан исто така. Пиратството има нови актери, но методите остануваат исти. Додека учесниците во матните зделки се апсолутно корисни за естаблишментот на инволвираните, тие ќе бидат поддржани. Но доколку скршнат и започнат да го кријат или да го лиферуваат пленот илегално и надвор од институционално пропишаните дози, тогаш ракетите веднаш ќе го решат проблемот. Се разбира иако најчесто сила и не е потребна за минорни разбојници, оти се под будното око на големи армади, тие нема да дозволат пленот да им побегне. Се разбира, одвреме–навреме, силата мора да се докажува, најчесто врз ситните ајдуци.
За генералот Мануел Нориега, кој бил и претседател на Панама, кажано е дека соработувал со ЦИА. Американската администрација тврдела дека станува збор за човек диктатор што е најголемиот илегален лиферант на кокаин. Потоа на процесот во САД на товар му е ставено дека се занимавал и со перење пари. Осуден е и предаден на француските власти за издржување на казната. Умира од тумор во главата во затворска болница. Во САД му е судено и на големиот мафијашки бос Пабло Ескобар со тогашна илегална нето-заработка од 30 милијарди долари. Кралот на кокаинот е застрелан од страна на колумбиските специјални сили откако и Колумбија и САД го прогласија за кокаински пират. Што ќе се случи со „новиот“ крал на опијатите, сега веќе некогашен претседател на Венецуела, кому му се суди во САД? Претходно, со одлично подготвена и совршена командо-акција, американските командоси успеаја да го заробат во претседателската палата во Каракас. Се чини уште еден „пират“ е зад решетки. Исто така, доаѓаме до заклучок дека зад сите овие далавери секогаш стои некој навистина моќен што ги користи државните алатки. За Карибите има многу фермани. Слично е и со Малезија.

Но врвот на проблемите со пиратите е Баб–ел–Мандеб – на арапски Порта на Маката, со сливни држави меѓу кои се Џибути, Еритреја, Сомалија и Јемен. Стратешката врска меѓу Индиски Океан и Средоземно Море будно е следена од јеменските Хути, чии ракети го нишанат и Израел. За некои и тие се пирати, а за други борци за правда. Кој да му го најде крајот. На рогот на Африка, до пред некое време дејствуваа и сомалиските пирати. Тие стивнаа откако големите испратија вооружени флотили за заштита на трговските конвои. Можеби некој суптилно ги контролира? Со Ормускиот Теснец, нова несреќа. Врапци колку што ти сака душата. Иранците или Персијците, го блокираат од внатрешна страна, американската флота однадвор. Светската економија се тресе. Сите актери во овој голем конфликт на Блискиот Исток се свесни за тоа, но никој да попушти. Конфузија како можно решение? Веројатно нов холивудски трилер и атрактивно корисна опција за планери.
Значи, сѐ се повторува само што сега е спакувано во софистицирана амбалажа. Што е најзначајно, традицијата е зачувана. Само методите се различни. Машала, на сите страни од светот, врапци. Зовре од тие весели птици. Но колку да ни се од корист, знаат да направат и последици од кои долго ќе патиме. Бидејќи нашата цивилизација со загрозени енергетски извори е на патот самата да си го загорчи владеењето, се чини дека ќе треба да се следи патот на адмиралот Хорацио Нелсон. Во тој случај, од сегашниот крал Разумот, треба да побараме да ни помогне во намерата да ја намалиме популацијата на врапците. Идеално ќе биде ако капетанот Џек Спероу и врапците се вратат во своите седала. Некој вели дека зад овие јата се тркала нешто многу големо?

Авторот е писател

Љубомир Јованоски