Фото: Собрание

Претседателот на Собранието на Репунлика Македонија, Африм Гаши предводи државно–црковна делегација во посетата на Ватикан по повод традиционалната манифестација „Во чест на Свети Кирил“.

– За време на аудиенцијата, претседателот Гаши упати искрени честитки по повод годишнината од изборот на Папата Лав XIV и ја истакна посветеноста на Македонија за продлабочување на традиционалните и пријателски односи со Светата Столица. На средбата беа реафирмирани историските и духовните врски меѓу двете земји, изградени врз наследството на Светите Кирил и Методиј и универзалната фигура на Мајка Тереза – информираше Собранието.

Оттаму истакнаа дека за време на средбата беше нагласено и значењето на промовирањето на мирот, толеранцијата, дијалогот и меѓусебното разбирање меѓу народите и религиите, како универзални вредности што придонесуваат за стабилноста, солидарноста и соживотот во Европа и пошироко.

– Во тој контекст, претседателот Гаши подвлече дека Република Северна Македонија останува пример за меѓуетнички, мултикултурен и меѓурелигиски соживот, со длабока почит кон верските слободи и конструктивната улога на верските заедници во општеството – информираа од Собранието.

Во рамки на програмата, претседателот на Собранието остварил и средба со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин, на која се разговарало за унапредување на билатералната соработка, развојот на институционалниот дијалог и можностите за проширување на соработката во областа на културата, образованието, архивистиката и зачувувањето на културното и духовното наследство.

По средбите во Ватикан, делегацијата ја посетил Базиликата „Свети Петар“.

– На Папата Лав XIV му беше врачен подарок „Пердув/Перо“ – скулптура од прилепски мермер изработена од скулпторот Андреј Митевски кој ја пренесува пораката дека пердувот – симбол за слобода, спиртуалност, поврзаност со возвишеното, здружените пердуви ги редефинираат законите на физиката овозможувајќи му на и моќниот орел да ги достигне незамисливите врвови. Од пердувот се раѓа перото – растот на човечкиот ум, го развива просветителството, ја шири писменоста. Од најостриот ум се раѓа најмекото и исконското – зборот, најмоќното оружје и најсилниот лек за душата. Како личен подарок на Папата му беше врачен Кавал од мајсторот Бобан Анакиев. Кавалот е еден од најпрепознатливите симболи на традицијата во Република Северна Македонија, инструмент чиј звук со векови ја раскажува приказната за животот, природата и духот на луѓето. Неговата мелодија е тивка, длабока и искрена – звук што допира до секого, без разлика на јазикот, верата или етничката припадност. Звукот на кавалот, иако тивок, секогаш е силен потсетник дека вистинските врски меѓу луѓето се создаваат преку културата, уметноста и човечноста. На државниот секретар Пјетро Паролин му беше врачен мозаик со мотив на паун – застапен во Базиликите на Стоби и Хераклеа, а денес на монетите во Македонија. Паунот е симбол на духовна вредност, воскресението, бесмртноста, вечниот живот, но и на надежта, обновивањето и светлината – информираат од Собранието.