На граничниот премин Табановце е спречен обид за нелегален пренос на половина милион евра кеш, што претставува најголема заплена во историјата на Царинската управа, соопшти директорот Бобан Николовски.
Парите биле откриени во специјално изграден бункер во минибус, спакувани во 14 проѕирни ќеси.
Според Николовски, минибусот, сопственост на туристичка агенција од Албанија, бил детално контролиран при влез во државата, при што мобилниот тим забележал преправки на возилото.
-Ова е најголема заплена досега во историјата на Царинската управа на Република Македонија. Девизите и возилото се трајно одземени, а сторителот, државјанин на Албанија, со иницијали Џ. Г., кој управувал со минибусот, е соодветно гонет, за што веќе е изречена судска пресуда од Основниот суд во Куманово. Обидот е откриен во акција на Одделението за оперативни работи на влез на државниот граничен премин Табановце, во која е извршена детална контрола на минибусот, сопственост на туристичка агенција од Албанија со која биле превезувани седум патници, рече Николовски.
Во акцијата било вклучено и царинско куче, кое сигнализирало можен обид за криумчарење, а сомнежите дополнително биле потврдени со скенирање од Службата за мобилни скенери.
По отстранување на преправениот дел од возилото, инспекторите пронашле 500.000 евра во кеш, скриени во специјално конструираниот простор.
Запленетите средства веднаш биле предадени на Агенцијата за привремено одземен имот, а потоа депонирани во Народната банка.
Николовски најави дека цариниците кои ја откриле пратката ќе бидат наградени со по 10.000 денари, нагласувајќи дека секој обид за нелегален пренос на готовина и криумчарење ќе биде најстрого санкциониран.






























