Голема еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро викендов се одржа кај автокампот Градиште. Цо акцијата учествуваа околу 80 нуркачи од Македонија и неколку земји од регионот.
Акцијата беше организирана од Нуркачкиот Центар „Амфора“, а во неа учествуваа нуркачи од Македонија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, со заедничка цел – заштита на едно од најстарите и највредните природни богатства во Европа.
Во текот на акцијата беше извадено значително количество отпад од езерското дно, со што учесниците испратија силна порака за важноста на зачувување на еколошката рамнотежа и подигнување на јавната свест за заштита на природата.
Во акцијата учествуваа повеќе нуркачки клубови и институции, меѓу кои Нуркачкиот Центар „Амфора“, Завод и Музеј – Охрид, Црвен Крст Охрид, како и нуркачки клубови од Македонија, меѓу кои КПД „Охрид“, СНК „Врело“, ЕНК „Пена“, САЕ „Тигар“ и БСН „Волци“.
Од странство учество земаа и КПА „Марсониа“ од Хрватска, „Тритон тек тим“ од Србија, како и СРК „Шарк“ и СРК „Витез“ од Босна и Херцеговина.
Организаторите истакнуваат дека ваквите акции се од клучно значење за заштита на Охридското Езеро и дека регионалната соработка е пример како заеднички може да се придонесе за почиста животна средина.









































