Името и идентитетот – окупацијата и геноцидот

Илузија е да очекуваме светот да ги жали нашите жртви и штети во војните зад нас, а самите ние да молчиме и да не го сториме тоа први. Промената на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ и нација се резултат на окупацијата врз Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и геноцидот врз деловите од македонскиот народ во окупираните делови на Македонија од балканските метрополи. Никој не верувал дека со дисолуција на поранешна СФРЈ повторно ќе се реинкарнира темата за Македонија на Балканот. Затоа се склучија договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 со протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 за санкционирање на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година! Токму поради агресијата од сите страни по сите основи за конечно затворање на македонското прашање, предлогот – овластените предлагачи (еден пратеник или владата) да предложат резолуција за осуда на геноцидот врз македонскиот народ што ќе ја донесе Собранието!
Поаѓајќи од неотуѓивото, неотстапно и неприкосновено универзално веќе апсолвирано право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ на државата Македонија, во која сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалната состојба, општествената положба и политичката определба;
Тргнувајќи од духовното, културното, историското и државното наследство на македонскиот народ и од неговата многувековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а особено од државно-правните традиции на македонската република во Крушево и историските одлуки на АСНОМ и уставноправниот континуитет на Македонската држава како суверена република во поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија;
Повикувајќи се на Повелбата на организацијата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човековите права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Меѓународниот пакт за економски, културни и социјални права, Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, Конвенцијата за правата на децата, Париската повелба за Нова Европа, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, Финалниот хелсиншки документ, документот од копенхагенската средба на Конференцијата за човековата димензија на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа;
Почитувајќи ја слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година за суверена и самостојна држава Македонија;
Водејќи грижа за унапредувањето на положбата и правата на деловите на македонскиот народ во соседните земји и за Македонците, по род и државјанство, во светот;
Почитувајќи го националниот суверенитет и територијалниот интегритет на соседните земји;
Декларирајќи неповредливост на државната граница и немање територијални претензии кон соседните земји;
Повикувајќи се на основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави, и реципроцитет во меѓусебните односи;
Признавајќи ги соседните земји како политички нации со своја културна идентификација, но отфрлајќи го нивното грубо мешање во внатрешните работи на Македонија и културата и историјата на македонскиот народ;
Повторувајќи дека културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чија основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите помеѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации; и
Верувајќи дека големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности, а универзални вредности на македонската цивилизација, на која сите заедно припаѓаме, се: мирот и љубовта, наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата, наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам, кој претставува интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој поаѓајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури;
Собранието на државата Македонија, на седницата одржана на _________ 2026 година, донесе

РЕЗОЛУЦИЈА за осуда на геноцидот врз македонскиот народ

1. Се осудува геноцидот врз македонскиот народ во окупираните делови на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година.
Балканските војни се сметаат за окупаторски, а земјите учеснички во нив за окупатори врз Македонија, кои извршиле геноцид врз македонскиот народ.
2. Се бара унапредување на положбата и правата на деловите на македонскиот народ во соседните земји, за таа цел Владата да ги користи сите инструменти на меѓународното право во сите меѓународни организации за остварување на правото на здружување и собир на Македонците, како и јавна и службена употреба, образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик.
3. Се иницира историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и склучување договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост.
4. Се бара Владата да презема мерки и активности за враќање на човековите и граѓанските права и слободи – правото на државјанство и имотните и наследните права – на насилно прогонетите Македонци од нивните родни места од Балканските војни 1912-1913 година и за тоа да го информира Собранието најмалку еднаш годишно.
5. Се изразува сочувство и почит кон сите во Македонија што биле жртви на геноцид од разни окупатори во разни војни.
6. Се прогласува 10 август за Национален ден за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ што ќе се одбележува секоја година со помен за жртвите и едукација за подигање на јавната свест.
7. Се бара Владата: преку наставните програми во образовниот систем да го одржува сеќавањето за геноцидот врз македонскиот народ; да изгради музеј за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ; и да формира државна комисија за истражување и документирање на геноцидот врз македонскиот народ, која ќе објави повеќетомна книга на повеќе странски јазици.
8. Се повикуваат научните институции, академската заедница и македонските организации во светот да придонесат кон истражувањето, документирањето и информирањето за геноцидот врз македонскиот народ.
9. Се бара претседателот на државата да предложи резолуција до Генералното собрание на ООН за прогласување на 10 август за Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ, со препорака земјите членки преку наставните програми на нивните образовни системи или на друг начин да го одржат сеќавањето за геноцидот врз македонскиот народ.

10. Бараме земјите учеснички во Балканските војни 1912-1913 година да се извинат за сите историски и општествени неправди и злосторства и да го осудат геноцидот врз македонскиот народ во окупираните делови на Македонија.
11. Се отвора прашањето за репатријација на насилно прогонетите Македонци од своите родни места во сите војни на Балканскиот Полуостров и за репарации за геноцидот врз македонскиот народ во окупираните делови на Македонија.
12. Се иницира донесување резолуција за сеќавање на геноцидот врз македонскиот народ во сите држави во светот и сите меѓународни организации, посебно – Генералното собрание и земјите членки на ООН, Европскиот парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа и Самитот на ОБСЕ.
13. Се иницира Владата да побара продолжение на Генералното собрание на ООН за реемиграција на насилно прогонетите деца Македонци од 1948 година за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година и нивните наследници во своите родни места и утврдување ефективни мерки по тоа прашање.
14. Очекуваме парламентот на Република Грција да ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Советот на Европа, веќе потпишана од Владата во Атина на 22 септември 1997 година.
15. Бараме спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Брисел по тужби од Македонците во Бугарија, заради почитување на нивните човекови права на образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик, и почитување на нивните граѓански слободи на мирен протест и здружување во здруженија и партии.
16. Оваа резолуција влегува во сила веднаш, а се објавува во „Службен весник“ во рок од осум дена од нејзиното донесување.
По еден примерок од оваа резолуција се доставува до: претседателот и Владата на државата Македонија, ООН, Советот на Европа, ОБСЕ, Европската Унија, НАТО, Движењето на неврзаните, Арапската лига, Африканската унија, Исламската конференција и БРИКС, како и нивните земји членки.

Тодор Петров