Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, две години по преземањето на функцијата, во ексклузивно интервју за Македонското радио оцени дека нејзиниот мандат придонел за поголема меѓународна видливост на државата, зајакнување на интегритетот на институцијата и поблиска комуникација со граѓаните.
Таа истакна дека во изминатиот период се придвижиле повеќе процеси, нагласувајќи дека нејзината активност на меѓународната сцена е резултат и на долгогодишното искуство во европските институции, кое датира од 1996 година.
Како дел од постигнатото, Силјановска-Давкова ги посочи зацврстувањето на претседателската институција преку телата во нејзина надлежност, повторното отворање на Народната канцеларија на 14 мај, соработката со Младинскиот совет и конференцијата „Македонија 2025“.
Во интервјуто најмногу внимание посвети на евроинтеграциите и спорот со Бугарија. Таа ги отфрли критиките дека „им држи лекции“ на европските претставници, потенцирајќи дека само укажува на двојните стандарди и на потребата од почитување на Копенхашките критериуми и европските вредности.
-Водена од националниот интерес, но и од правото и правдата, само укажувам на неодржливоста на односот кон нас – изјави претседателката.
Силјановска-Давкова се повика на Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаментални права и практиката на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека Европската Унија мора да го почитува националниот и културниот идентитет на народите.
Според неа, прашањата за македонскиот јазик, историја и култура се затворени, а барањата за уставни измени кои не произлегуваат од европското acquis се несоодветни.
Таа повтори и дека Преспанскиот договор, иако според неа бил спротивен на меѓународното и домашното право, денес е реалност. Сепак, нагласи дека договорот го потврдува постоењето на македонскиот народ, јазик и култура.
Претседателката изрази задоволство што дел од европските претставници, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја препознаваат потребата од гаранции за Македонија во евроинтегративниот процес.
































