Рецензија

  • Кон претставата „Страв и надеж“ по текст на Франц Ксавер Крец во режија на Тања Мандиќ Ригонат и во продукција на МНТ, Скопје. Главните улоги ги толкуваат Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Тодосиевска, Сашка Димитровска, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Дамјан Цветановски, Нела Павловска

„Големите борби се одвиваат во тишина и во неможноста да се изразиме себеси“, проговорува во едно свое интервју Франц Ксавер Крец, еден од најавтентичните германски драматичари на дваесеттиот и дваесет и првиот век, кој заедно со Елфриде Јелинек и Рајнер Вернер Фасбиндер го отвора темниот и загадочен простор на неискажливото, непосредно по тишината и депресивноста на Бекет. Осумдесетгодишниот Крец низ своите четириесетина драмски дела мошне говорливо го „искажува“ неискажливото, но без резерва успева да го артикулира она што во поствоената Германија било најсигнификантно, а тоа е стравот. Обезнадежен и крајно инспириран од Брехтовите рационализирања, кои еве и во дваесет и првиот век стануваат актуелни преку постдрамскиот театар, Крец успева да го визуализира она што Бекет го вовлекуваше во две синтагми или можеби во сиромашно стокмени дидаскалии. Но Крец за разлика од Елфриде Јелинек, која сатрапите на дваесеттиот век ги реконтекстуализира низ отровните сатири и низ апсурдните рекапитулирања на историјата, и за разлика од Рајнер Вернер Фасбиндер, кој реализмот го раздробува до минималистичка дерогираност, овој исклучително „арогантен“ драматичар успева во своите дела да ја пронајде реториката на неискажливото и низ таа лингвална призма да ги отвори „бедата и очајот“ на малиот човек на преминот од дваесеттиот кон дваесет и првиот век. „Реалитетот на умот“ е контекстот низ кој се метаболизира целото дејствие на петнаесетте сцени, кои се на некој начин и онтолошки одговор на „Стравот и бедата на Третиот рајх“ на Бертолт Брехт. Зошто онтолошки? Затоа што временските дигестии на поствоениот дваесетти век се огледуваат најмногу низ наслагите на стравот на сите оние што го градат и разградуваат општеството, а тоа се вратите на автократијата, кои низ владеењето на некоја политичка опција стануваат високи и недостижни. „Стравот и надежта во Германија“ е текст со деветнаесет сцени во кои Крец ги разотвора сите длабоко закопани неверби и очајни дисторзии на менталната шема на обичниот човек, кој баналноста на секојдневието го претвора во олигархиска машина со поминат рок на траење. Токму затоа го споменувам дигестирањето. Крец успева да го осовремени Брехтовиот драмски текст префрлувајќи го преку него плаштот на лошо закрпената идеологија и поимањето за слободата, така што тишината и напнатоста на социјалното милје стануваат единствениот простор во кој семејните и интимни недоразбирања го продуцираат стравот. Храброста во сите сцени на овој есенцијален текст на Крец се сублимира низ собраните парчиња надеж, која се чини дека е суштественото сврзувачко ткиво на сите сцени што немаат поврзаност на ниво на приказна.

Концептот на Тања Мандиќ Ригонат оди чекор понатаму. „Стравот и надежта“ во ова режисерско видување е слика на состојбата што не е повоена, туку е „иницијално милитаризирана“, па така, стравот станува објект на согледба и внатрешно согорување на ликовите, чие секојдневие е свиткано во проѕирниот целофан на медиумската лага. Исчистен од локализирањето и од географското позиционирање, овој драмски текст на Крец во ова видување наликува на драмски текст што како да е напишан за ова тло, со сите социјални и политички дисторзии, со сите тензии и конвулзии што ги нудат варијаблите на девастираната денешница. Мудриот режисерски ракопис на Тања Мандиќ Ригонат во оваа извонредно продуктивно театарско контекстуализирање совршено се втемелува и во транзитивните автократски владеења, така што ова видување можеме да го сфатиме и како алармантна порака кон системот што го води народот во социјално и општествено бессознание. Адаптацијата на текстот, кој навлегува во сите пори на малиот човек, во егзистенцијалните витли и недоразбирања, зборува за актуелноста на мигот, кој низ преживувањето на секојдневието ликовите го инкорпорираат во зоната на стравот, но остава и еден знак на надеж каде што сепак низ отворениот прозорец, со помалку матна глава, истите тие ликови ќе ја пронајдат некаде и својата храброст. Сублимирајќи ги и Брехтовите чинители, режијата на Тања Мандиќ Ригонат е своевидна актуализација на она што, за жал, времето циклично ни го сервира на подавалник, а тоа се човековата лакомост и деструктивност.
„Страв и надеж“ е претстава на транспарентен, јасен и импактен режисерски концепт, кој во своите пазуви ги чува и сјајните актерски партии на сите актери и актерки: Сашко Коцев го одигрува својот Вили со за него типичната актерска елоквентност, со илјада нијанси на ликот, кој својата општествена непродуктивност ја донесува на работ на лудило, една фино отсликана травестија на лик чија социјална несоодветност е рак-рана на брачната рамноправност во која, пак, одличната Сашка Димитровска ни донесува еден прекрасен лик на средовечна жена што можеби е моќна да го понесе она што не може нејзиниот сопруг, но овој сјајно отсликан лик ни вели дека тоа сепак не може да се случува постојано.

Некаде низ сцените во претставува се провлекува и осамениот Непознат на Александар Микиќ, доволно рационален за да не си верува себеси дека постојано се лаже, актерска партија што овој сјаен актер ја претвора во парадигма одигрувајќи ја и сцената на безнадежниот сопруг во брачната двојка Рузам. Ана и Карл се брачна двојка чија редундантност и кај Крец и кај Тања Мандиќ Ригонат е есенцијална. Наталија Тодосиевска ја одигрува својата Ана со силна емотивна гама, со една внатрешна тензичност што одушевува донесувајќи ни лик на млада жена, која во воздухот го чувствува студенилото на својот ригиден сопруг, кој, пак, од друга страна извонредниот Никола Ристановски го одигрува со една минималистичка прецизност за на крајот на претставата да го отвори тој лик низ мастодонската можност на макетарот, свирепо рационално суштество чија техницистичка посветеност зрачи со својата погубност. Наталија Теодосиевска, исклучително талентирана актерка, како да ја доизградува својата Ана и низ другите два лика, кои полека и ја носат онаа долгоочекувана, но неартикулирана бунтовност на младите несреќници, кои сепак можеби ќе го кренат гласот против автократијата, која полека и неосетно се вовлекува низ лошо сфатената демократичност на општеството. Кога сме веќе кај бунтовноста, мораме да го споменеме и Дамјан Цветановски, кој успева да ја отелотвори својата младешка револуционерност во ликот на странецот, а особено во ликот на Кемал Алтун, турскиот емигрант, градејќи лик на млад човек што инсистира неговата присутност во општеството да промени нешто. Еден од најинтересните ликови е и оној на Дарја Ризова, која ја развива својата Грета низ страста и емотивноста, исто така навлегувајќи во водите на бунтовноста со целиот свој талент и посветеност на актерка со јасен и остар израз, додека чиста спротивност од неа е Тања Кочовска, која својот лик на длабоко вкоренета домаќинка го одигрува и во двете сцени каде што со нејзиниот типичен актерски сензибилитет, сепак се обидува да ја најде надежта во сите темни дамари на неодлучноста и погубноста. Кога сме веќе кај бунтовноста, мораме да го истакнеме и одличниот монолог на Нела Павловска, која ја одигрува својата студентка низ мошне сликовити емотивен монолог, кој не ја остави публиката рамнодушна. И конечно, Тони Михајловски, чија длабока актерска доминантна и во двете семејни сцени како Ервин и Томас нѐ потсети на сите илузорности со кои располага светот на малиот човек во време кога оружјето ѕвечка пред прагот.
Актерската енергија, секако, ја дополнува и визуелниот аспект на претставата, кој инсистира на веродостојност, автентичност и живописност и е дело на Весна Поповиќ, чија сценографија дише со својата опипливост и натуралистичка присутност и на Розе Трајческа, која својата костимска одреденост исто така ја насочува кон „сега и овде“, принесувајќи ни визуелен потсетник дека целото дејствие можеби е дел и од нашиот социјален неспокој. Но сепак, ова „сега и овде“ во визуелна, но и филозофска смисла успева да го рационализира сјајниот дизајн на видеата на Јелена Тврдишиќ, одлична концептуална поместеност, која, од друга страна би ја поврзале со Брехтовски сигнификантната музичка илустрација на прекрасната композиторка Ирена Поповиќ Драговиќ, чија, пак, друга струја во музиката на оваа претстава треба да го акцентира она што значи никогаш несмирената тензија на малиот човек во општество што веќе се навикнало на континуирано распаѓање.

Гледајќи ја оваа претстава, си го поставувате прашањето: во што е денес олицетворена бруталноста на општествениот систем и дали политиката на недораснатост може уште да му напакости на човекот чија социјална дилема и потреба стануваат едно исто. Крец во своето интервју за „Њујорк тајмс“ го поставува прашањето: „Кога Германците ќе се разбудат и ќе почнат да ја проблематизираат авторитарноста?“, нешто што е совршено сигнификантно кога целата оваа распарчена историја ќе ја дислоцирате на овие простори. Стравот се чини дека ги отвора понорите на фрагилноста на еден народ, но можеби ги отвора и вратите на храброста, којзнае. „Страв и надеж“ е претстава за несигурноста на денешниот човек фрлен во вулканот на лагата и хипокризијата. Она што можеби и би требало да остане е надежта иако е тоа клише што секој бунтовник го отфрла прифаќајќи го рушењето по секоја цена. Ако се разбудиме еден ден како што нè повикува Крец, можеби во малиот темен простор на храброста ќе го пронајдеме себеспознавањето на кое одамна сме заборавиле. Се чини дека Тања Мандиќ Ригонат всушност сакала да нѐ предупреди токму на тоа, на себеспознавањето, а таму веројатно лежи и вистинскиот одговор на многуте прашања што нѐ тиштат и како гледачи и како читатели.

Сашо Огненовски