Фото: Пиксабеј

Минатата, 2025 година беше оценета како многу топла, а според податоците на Светската метеоролошка организација, глобално се рангира меѓу трите најтопли години. Причината е во методот на градење. Асфалтот, бетонот и тулите ја апсорбираат топлината од сонцето и полека ја зрачат, што во екстремни ситуации значи дека градот може да биде до седум Целзиусови степени потопол од надвор. Овој ефект се нарекува урбан остров на топлина.
Во сезони на високи температури може да биде многу опасно. Па, како може да се помогне? Едно од решенијата што се наметнува со години е садењето повеќе зеленило во градовите, особено дрвја. Но најновите истражувања покажуваат дека тоа не е доволно. Научниците, во нова студија објавена во списанието „Нејчр комуникејшнс“ анализирале податоци од речиси 9.000 града низ целиот свет и откриле дека дрвјата значително го намалуваат количеството топлина што се задржува поради ефектот на топлински остров во градовите. Причината е едноставна: дрвјата дејствуваат како природни клима-уреди. Тие ја ладат почвата, го спречуваат загревањето на асфалтот и на зградите, но исто така го ладат воздухот со ослободување водена пареа од лисјата. Сето тоа влијае на намалувањето на температурата на околината, што се чувствува во текот на жешките летни денови.
Кога научниците ги ставиле тие податоци во моделот и создале сценарио според кое ги отстраниле сите дрвја од градовите, добиле изненадувачки резултати. Имено, дрвјата низ целиот свет го намалуваат ефектот на топлински остров во урбаните средини за речиси 50 проценти, што значи дека може да ја намалат температурата за приближно 0,5-1,5 Целзиусови степени. Дури и тоа мало намалување може да значи голема разлика за време на екстремна топлина, особено во суви градови како Феникс, САД. Во поумерените области, вкупното ладење е значајно, но генерално помалку и порамномерно низ целиот град.