Изложбата „Д флај флајс вит дајмонд“ на Марија Милошевска, која ќе биде отворена на 12 мај во 20 часот во МКЦ, не е само естетски чин туку и длабоко метафизичко истражување на човечката состојба. Концептот „Онтологија на трепетот и вечноста“ во рамките на изложбата претставува филозофска рамка што го истражува самиот карактер на битисувањето преку два спротивставени пола.
– Овој концепт се заснова на тензијата помеѓу привременото (мушичката) и бесконечното (дијамантот). Тоа е метафора за човечката природа – нашата постојана борба меѓу потребата да оставиме траен белег и свесноста за сопствената минливост. Мушичката ги симболизира кршливиот животен циклус и човечкиот обид да се „улови“ природата во нејзиниот најинтензивен, но најкраток момент. Трепетот е симбол на животот што пулсира меѓу светлото и сенката. Дијамантот како „вечност“ е архетип на неуништливоста и бесмртноста. Во оваа филозофска поставеност, дијамантот е она што преостанува кога сè друго ќе исчезне, претставувајќи ги чистата суштина и отпорот кон времето. Филигранската мрежа не е само техника туку и „жив организам“ и невидлива нишка на судбината. Таа дејствува како онтолошки мост што ги соединува и ги држи во рамнотежа овие два света, трансформирајќи ги од посебни објекти во единствена, хармонична целина. Во сценографијата, темнината служи како платно на кое светлината станува единствениот извор на значење. Насочените зраци ги прават делата да изгледаат како „лебдечки реликти на времето“, нагласувајќи го чувството на метафизичко присуство – се наведува во најавата за изложбата.
Овој концепт ја повикува публиката на внатрешно преиспитување – да размислиме каде се наоѓаме ние во тој простор помеѓу мамката и скапоценоста. Изложбата е збогатена со музички перформанс.































