Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов најави анализа на постојниот систем со четири тарифни блока за потрошувачката на електрична енергија на регулираниот пазар, оценувајќи дека не е логично ист производ да се плаќа по различни цени.
– Ќе направиме анализа на досегашното искуство со тарифните блокови и ќе разгледаме дали треба да останат, да се менуваат или поинаку да се димензионираат. Ќе ги анализираме и искуствата од регионот за да видиме дали може да се понуди подобро решение во интерес на граѓаните – изјави Ристов на средба со новинарите.
Тој посочи дека е можно да се воведе нов модел што ќе биде „поправичен“ за потрошувачите.
– Неправичноста на сегашниот систем е што иста електрична енергија се плаќа по различни цени. Енергијата е берзанска стока и производителите ја продаваат по една цена, а сè друго е социјална категорија што треба да се усогласува со државата. Не може да има повеќе цени за ист производ – нагласи Ристов.
Според него, идните одлуки ќе зависат од анализите на досегашната примена на тарифниот систем.
Претседателот на РКЕ се осврна и на цената на топлинската енергија, при што рече дека не очекува драстично поскапување за граѓаните приклучени на системот за греење.
– Цената на гасот засега е релативно стабилна и нема големи флуктуации како кај нафтените деривати. Можно е да има одредено зголемување поради инфлаторните движења, но не се очекува тоа да биде драстично – изјави Ристов.
Тој појасни дека конечната одлука за цената на топлинската енергија ќе биде позната кон крајот на јули, по обработката на барањата и податоците што компаниите од секторот треба да ги достават до 30 јуни.
































