Трошоците на животот во април годинава се зголемени за 5,7 проценти во споредба со истиот месец лани, додека цените на мало бележат раст од 5 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Според податоците, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април, во однос на март годинава, изнесува 1,3 проценти.
Најголем месечен раст е забележан во секторот транспорт, каде трошоците се зголемиле за 10,1 процент. Зголемување има и кај рекреација, спорт и култура за 1,4 проценти, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 1,2 проценти, како и кај храната и безалкохолните пијалаци за 0,7 проценти.
Раст на трошоците е евидентиран и во групите облека и обувки, лична нега, информации и комуникации, ресторани и услуги за сместување, домување, здравствена заштита и образование.
Од друга страна, намалување е забележано кај групата покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата, каде трошоците се намалени за 0,2 проценти.
Трошоците во групата осигурување и финансиски услуги останале непроменети во споредба со претходниот месец.
Цените на мало, пак, во април во однос на март се зголемени за 3,2 проценти.































