Фото: Нова Македонија

Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов најави анализа на постојниот систем со четири тарифни блока за потрошувачката на електрична енергија на регулираниот пазар, оценувајќи дека не е логично ист производ да се плаќа по различни цени.

– Ќе направиме анализа на досегашното искуство со тарифните блокови и ќе разгледаме дали треба да останат, да се менуваат или поинаку да се димензионираат. Ќе ги анализираме и искуствата од регионот за да видиме дали може да се понуди подобро решение во интерес на граѓаните – изјави Ристов на средба со новинарите.

Тој посочи дека е можно да се воведе нов модел што ќе биде „поправичен“ за потрошувачите.

– Неправичноста на сегашниот систем е што иста електрична енергија се плаќа по различни цени. Енергијата е берзанска стока и производителите ја продаваат по една цена, а сè друго е социјална категорија што треба да се усогласува со државата. Не може да има повеќе цени за ист производ – нагласи Ристов.

Според него, идните одлуки ќе зависат од анализите на досегашната примена на тарифниот систем.

Претседателот на РКЕ се осврна и на цената на топлинската енергија, при што рече дека не очекува драстично поскапување за граѓаните приклучени на системот за греење.

– Цената на гасот засега е релативно стабилна и нема големи флуктуации како кај нафтените деривати. Можно е да има одредено зголемување поради инфлаторните движења, но не се очекува тоа да биде драстично – изјави Ристов.

Тој појасни дека конечната одлука за цената на топлинската енергија ќе биде позната кон крајот на јули, по обработката на барањата и податоците што компаниите од секторот треба да ги достават до 30 јуни.