- Зошто не ги оставите телефоните и не се свртите малку околу себе за да погледнете што се случува? Тоа што го гледате на социјалните мрежи знаете дека не е реално, така? Дали тоа што комшиката е на кафе, а колегата на одмор во Дубаи и некој трач за „познативе“ се поважни од вашите деца? Зошто не разговарате со децата? Многу прашања, нели? Малку се, да си знаеме
Не можам да молчам по ситуацијата во Ѓорче Петров каде што млади деца присилувале своја соученичка да ползи и да јаде кучешки измет, па дури и го снимале тоа изживување со мобилните. Не можам да пишувам „дипломатски“. Мораме еднаш да се погледнеме во очи и да си признаеме дека нешто не е во ред со нашево општество. Некако се навикнавме да се лажеме. Или на крајот на денот ќе си речеме: не е мое дете, па баш ми е гајле. Не е ни дете на некој што го знам. А ако го знаевте, што ќе направевте? Или молчењето е злато? Браво, многу „граѓански“. Ја имате прочитано дефиницијата за здраво општество? Многу ќе прашувам во текстов затоа што многу сакаме да ги премолчуваме одговорите.
Здраво општество е заедница во која институциите функционираат праведно и ефикасно, а граѓаните живеат со чувство на сигурност, доверба и меѓусебна одговорност. Во такво општество се почитуваат законите, но и основните човечки вредности – достоинство, емпатија и солидарност.
Тоа подразбира квалитетно образование што гради критичко размислување, здравствен систем што е достапен за сите и економија што овозможува фер можности за напредок. Здравото општество не ги игнорира проблемите, туку активно ги препознава и ги решава без да ги нормализира девијантните појави.
Во него, родителите, институциите и заедницата заеднички ја носат одговорноста за развојот на младите, а јавниот простор е исполнет со дијалог, а не со апатија. Најважно, тоа е општество во кое луѓето не се рамнодушни – реагираат, се грижат и придонесуваат за подобро утре.
Што од ова имаме ние? Ајде да го „разглобиме“ школски текстов, зашто најверојатно нешто сме пропуштиле. Институциите функционираат праведно и ефикасно, а граѓаните со меѓусебна одговорност. Клучен збор: ОДГОВОРНОСТ. Тоа кај нас го нема ни во научна фантастика. Каде е одговорноста за овие девијантни појави? Ама ќе пројде и ова, нели, никому ништо. Небитно. Втор дел: Достоинство, емпатија и солидарност. Ако ги најде некој овие три работи, ве молам да ги пријави на „главна каса“. Сме ги изгубиле одамна. Одиме понатаму: квалитетно образование што гради критичко размислување. Што правиме со ова? Па ние сме доста „народни“, си ја почитуваме историјата. Како беше поговорката, молчењето е злато! Што има да имаме критичко мислење кога можеме да сме во партии, таму не бараат да мислиш со своја глава. Да не се умориш, не за друго. Од многу мислење глава болело, а не дај боже да е критички настроено!
И последниот пасус вели: родителите, институциите и заедницата заеднички ја носат одговорноста за развојот на младите, а јавниот простор е исполнет со дијалог, не со апатија. Најважно, тоа е општество во кое луѓето не се рамнодушни – реагираат, се грижат и придонесуваат за подобро утре. Со ова што правиме? Едвај ја пројдовме онаа фаза на тепачки по автобуси кога пред некоја ноќ 25-годишник е обвинет за напад со нож. Да не потсетувам дека изгазија куп луѓе млади деца без возачки. Како стигнале до колите? За жал, кај нас не е повторувањето мајка на знаењето.
Апсолутно системот се изгуби во време и простор. Не функционира, крај на приказната. Следењето на развојот на едно дете започнува нормално дома, но подоцна мора да се следи во образовните институции. Од градинка, основно и средно. За да биде сето тоа како што треба, потребни се професионалци на соодветните позиции. Кај нас педагог и психолог излегоа професија за потсмев, наставник се станува од штаб, а директор на школо се знае. Децата ги малтретираат професорите, овие не смеат да писнат зашто можеби ученикот е дете на некој функционер. И кругот се врти. Исто на оваа тема, пред некој ден имаше нападната наставничка на родителска од некој родител. И? Смешки по социјални медиуми, се „забавља раја“. Милион ситуации, ќе треба да пишувам 10 страници за да покријам сѐ. Потфрливме како општество, целосно. Треба нова трагедија? Па малку ли беа? Многу прашања за кои нема да добијам одговор. Ми текнува на детено во Србија со оружјето од татко му, детено во Турција. Она порано што го гледавме само по телевизии еве го во комшии. Мора ли секогаш да учиме од своите грешки, не може ли еднаш да научиме како – не треба. Тоа ли беше целта? Да станеме тотално апатични и да не нѐ допира ниту една трагедија? Да го прифаќаме нездравото за нормално? Е па, нема да може така, другари.
Луѓе, оставете ги телефоните, кариерите, лажниот луксуз и живот на социјалните медиуми. Свртете се околу себе, погледнете си ги децата. Разговарајте со нив, научете ги на вистинските вредности. Научете ги да се почитуваат себеси и да ги почитуваат другите. Научете ги да помагаат, да велат добар ден и да им стануваат во автобус на повозрасните. Научете ги дека отпадот се фрла во канта за отпадоци, да се грижат за природата и да сакаат животни. Немојте вашите комплекси да ги лекувате преку децата. Тоа се само деца, сѐ додека не се претворат во нешто за што ќе се каете цел живот. Разговарајте со децата. Прегрнете ги навреме, зашто улицата ќе ги прегрне и ќе ви ги одземе.
Автор: Бојан Петровски

































