„Еден музеј на една архитектура“ е монографско издание што го издаде Заводот и музеј од Прилеп по повод 111-годишнината од раѓањето на уметникот Ѓорѓи Ачески-Аче. Авторки на монографијата се Паре Зареска и Елизабета Дерменкоска-Цефи.
– Овој повеќеслоен текст не претендира да биде апологија за неговиот избор – да егзистира и созрева како човек и како творец во едно општество, чиј приоритет тогаш било просветителството, ниту стручна процена на творештвото од Ачески, туку едно пријатно четиво за немиркото Гога од Ачевци и неуморниот и непоколеблив уметник Аче. Содржината е базирана на автобиографските ракописи, кои Ачески му ги предал на МАНУ, за денес да бидат сведоштво за неговото секојдневие, на серијата статии насловени „Скица за една монографија“ од Слободан Рошкоски и многубројните написи што новинарите негови современици ги објавувале во матичните весници и списанија, додека тој неуморно ја документирал архитектурата што неизбежно изумира, и монографијата од Владимир Величковски и Трајче Крстески. За целосното оформување на уметниковиот профил свој придонес секако имаат и разговорите со неговите современици и со членовите на потесното семејство Ачески. Ова е сторија за чаршиската чколија на младиот бунтовник и неговите први печалби остварени во прилепските дуќани, поуките што сам ги извлекува по долгите муабети со штотуку формираната интелектуална младина во тукушто ослободениот град со претежно земјоделско население и усвоените тајни на ликовниот занает, пренесувани од лудите занесеници што неуморно дискутираат и создаваат во првите уметнички здруженија што во Прилеп се формираат во периодот меѓу двете светски војни. На крајот, се осврнуваме на цртежот како изразен медиум и мотивот – една чудесно убава сиромашна стара архитектура предадена во реалистично-експресионистички ликовен израз, на кој Ачески сосема свесно му го посветил своето целокупно творештво, поставувајќи го во центарот на вниманието домот – семеен, културен или колективен. Избравме цртежи од неговата збирка, поставена во камерната галерија во „Бабанеделино училиште“, за да ги илустрираме нашите согледувања и неговите размисли за суштината на живеењето и творењето. Во публикацијата донесуваме кратки биографски белешки за животот на Ѓорѓи Ачески, каталошки податоци за делата и библиографски единици што го третираат неговиот опус – велат авторките на монографијата Паре Зареска и Елизабета Дерменкоска-Цефи.
Монографијата е резултат на претходните проекти на Заводот и музеј од Прилеп: „Времена изложба на дела од Ачески“, „Валоризација на збирката цртежи од музејскиот фонд“, „Аче од гостинските соби“ и „Постојана поставка на музејската збирка Ѓорѓи Ачески“, која е поставена во камерната галерија во објектот „Бабанеделино училиште“ во Прилеп. Ка.М

































