Борис Постников за својот престој во Скопје
Во културно-социјалниот простор „Јадро“ се одржа авторска вечер со Борис Постников, еден од најпознатите хрватски книжевници, колумнисти и критичари од средната генерација.
Борис Постников престојуваше во Скопје во текот на април, во рамките на книжевните резиденции во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Во текот на Саемот на книгата, Борис Постников имаше серија средби со македонски издавачи, критичари, писатели и читатели. Во текот на резиденцијалниот престој, Борис Постников одржа и предавање на темата „Книжевна република Југославија“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, во рамките на јубилејот 80 години од основањето на Филолошкиот факултет, како и јубилејот 45 години од основањето на катедрата за општа и компаративна книжевност. Во предавањето Постников го претстави концептот на „Книжевна република Југославија“, конструиран по примерот на синтагмата „светска книжевна република“ на теоретичарката Паскал Казанова, како теоретска и методолошка рамка за опишување на споделената книжевна сцена во поранешниот југословенски простор.
– Мојот пристап започнува со деконструкција на национално-центричните книжевни перспективи, следејќи го примерот на современите теории за светската и транснационалната литература (Казанова, Ф. Морети, Д. Дамрош итн.). Потоа се осврнувам на дебатите од 1960-тите во врска со (не)постоењето на заедничка југословенска литература, која во голема мера ги антиципираше проблемите што се среќаваат во современите транснационални теории (С. Петровиќ, С. Лукиќ итн.). Конечно, користејќи неколку примери од книжевната област – вклучувајќи современи автори, книжевни медиуми, фестивали, резиденции и издавачки проекти – го демонстрирам објаснувачкиот потенцијал на концептот „Книжевна република Југославија“ – вели Борис Постников за неговиот истражувачки концепт и предавањето.
Тој претходно двапати ја има посетено Македонија.
– Во 2002 година поминав еден месец во Охрид на летна школа за политичка теорија за студенти од целиот Балкан, а пред две години го посетив Скопјe за првпат како турист. Ми се допаѓа тука; се чувствувам како дома. И сепак, постојат многубројни разлики во споредба со Хрватска што ги сметам за интересни и возбудливи: јазикот, кој го разбирам околу 70 отсто (иако по две или три пива „златен даб“, таа бројка се искачува на 80 отсто); комбинацијата на култури и религии што не постои во нашата католички „чиста“ Хрватска; вашата брилијантна кујна и уште побрилијантна музика со тие френетични, скршени ритми… Извинете ако звучам како просечен турист. За разлика од просечниот турист, сепак, прочитав барем малку современа македонска литература: драмите на Горан Стефановски, романите на Венко Андоновски, (во постјугословенските кругови) неизбежната Румена Бужаровска, како и Калија Димитрова, со која соработувам во неделникот „Новости“, и така натаму – вели тој.
Борис Постников (роден 1979 година, Сплит) работи за неделникот „Новости“, каде што претходно бил заменик-главен уредник. Го основал и уредувал месечниот додаток „Културне новости“, посветен на културата на постјугословенскиот регион, а моментално ја пишува колумната „Непријателска пропаганда“. Тој е член на редакцискиот одбор на „Критика-ХДП“, портал за литературна критика на Хрватското друштво на писатели. Порано бил главен уредник на културниот двонеделник „Зарез“ и уредник на програмата „Речник на постјугословенската литература“ на Третата програма на Хрватското радио. Работел и како копирајтер во рекламна агенција, но и во Министерството за култура на Република Хрватска, каде што се фокусирал на медиумската политика. Неговите есеи, коментари и рецензии се објавени во голем број хрватски и меѓународни медиуми. Тој е автор на збирката литературна критика „Постјугословенска литература?“ (Постјугославанска книжевност?, 2012) и критика за рекламирањето насловена „Неколку пораки од нашите спонзори“. Неговата најнова книга, „Книжевната република Југославија“, е заснована на докторската дисертација што ја одбранил на Факултетот за хуманистички и општествени науки во Загреб. Тој живее во Загреб, а претходно периоди од својот живот поминал во Сараево, Сплит, Нови Сад и Дрвеник во близината на Макарска.

































