Да се подготвиме за необичен студен бран

Продор на арктички воздух на крајот на април носи драстичен пад на температурите низ Источна и Југоисточна Европа, пишува метеоролошката служба на „Сивир ведер Јуроп“ – СВЕ (Severe Weather Europe – SWE).

Што предизвикува ненадејна промена на времето?

Пенетрацијата на студен воздух на југ се должи на доцното слабеење на поларниот вител, што ѝ овозможи на арктичката маса да го заобиколи вообичаениот западен тек. Клучна улога во ова игра моќниот Омега блок, област со висок воздушен притисок над Северниот Атлантик и Гренланд што дејствува како брана и го пренасочува студениот воздух директно кон Европа. Оваа блокада, која ќе остане до почетокот на мај, е формирана и поради промените во Пацификот, каде што преминот од фазата Ла Ниња фаворизира создавање проток на воздух север-југ над Европа.
Студениот бран што се спушта од Арктикот ќе донесе температури од 10 до 15 степени под просекот за овој период од годината, што претставува сериозна закана за земјоделството, пишува СВЕ. Лозјата и овоштарниците се особено изложени на ризик, бидејќи веќе се во чувствителна фаза на цветање поради претходните високи температури.
Топлото време на почетокот на април, со температури што достигнуваат над 25 Целзиусови степени, го поттикна предвремениот раст на вегетацијата, што го прави враќањето на утринските мразови многу поопасно отколку во текот на зимата.

Арктичкиот студ повеќе ќе ги погоди Источна и Северна Европа

Временските модели веќе почнаа да се менуваат овој викенд со зајакнување на антициклонот над Атлантикот и Западна Европа кон Гренланд. Над Балтикот се развива длабок циклон, кој ќе донесе снег и ниски температури. Многу ладна воздушна маса веќе стигна до Источна Европа, а температурите ќе бидат од осум до 12 Целзиусови степени под просекот за крајот на април.
Најстуден воздух и потенцијално штетни утрински мразови се очекуваат за поголемиот дел од Полска, Белорусија, западна Украина, северна Словачка и северозападна Русија, иако ќе остане ветровито. Циклонот над Балтикот ќе донесе значителни снежни врнежи и во северозападна Русија, каде што може да наврнат до 50 сантиметри снег. Малку снег се очекува и во Естонија и јужна Финска, додека северна Норвешка ќе има снег до средината на неделата.

Студен бран ќе го зафати Балканот кон втората половина на неделата, но кратко ќе трае

До средината на неделата, антициклонот над Северниот Атлантик дополнително ќе се зајакне и ќе се прошири сè до Гренланд, што ќе го турка студениот воздух подалеку на југ, кон Централна Европа и Балканскиот Полуостров. Температурната аномалија ќе биде изразена, со вредности до 12 Целзиусови степени под нормалата во многу земји од Источна Европа. Постепеното заладување в среда ќе влијае и на делови од Централна Европа, вклучувајќи го и Балканот.
Во исто време, Западна Европа и Западен Медитеран ќе останат под влијание на потопла воздушна маса, создавајќи остар температурен контраст низ централниот дел од континентот.
В четврток и петок изутрина температурите би можеле да се движат околу и под нулата во источна Германија, Чешка, Словачка, Полска и Австрија, со можни штетни доцни мразови во долините. Овој диполен модел – топло на запад и ладно на исток – ќе трае до крајот на април и почетокот на мај, со температури во Македонија што нема да паднат под пет Целзиусови степени.

Почеток на мај

До петок, 1 мај, силен антициклон над Атлантикот ќе се организира во класична блокада Омега. Додека топлината ќе се задржи над Западна Европа, студот ќе се интензивира над Балканот и регионот на Црно Море, каде што ќе се приближи длабок циклон. Температурите ќе бидат од 10 до 15 Целзиусови степени под просекот, што е исклучително ретко за почетокот на мај.
Таквата силна температурна аномалија сигурно ќе резултира со многу студени утра в петок и сабота, при што температурите веројатно ќе паднат неколку степени под нулата. Ова е особено критично поради ризикот од мраз во лозјата низ поголемиот дел од Балканскиот Полуостров (но не во Македонија), каде што штетите би можеле да бидат значителни, дури и катастрофални. Н.М.