Фото: „Нова Македонија“

„Политико“ ги анализира капацитетите и забележаните недостатоци на Северноатлантската алијанса

  • Од недостиг од муниција до недоволно инвестирање во морнариците, Алијансата се соочува со голем број тешкотии поврзани со борбената готовност

НАТО засега останува надвор од војната на САД и Израел против Иран, но конфликтот сепак открива недоволна подготвеност на Алијансата на повеќе полиња, вклучувајќи ги недоволната снабденост со муниција, недоволната моќност на воздухопловните сили и на морнарицата, што заедно со постојното внатрешно неединство меѓу земјите членки се смета дека би го довело воениот сојуз во тешкотии доколку влезе во воен конфликт во иднина, наведува „Политико“.
– Војните во Украина и на Блискиот Исток не се одвоени феномени, има многу нешта да се научат од двете размислувајќи за војните на утрешнината. Овие комбинирани лекции треба да нè доведат до подобро разбирање за тоа како да се насочи развојот на капацитетите – рече генералот Доминик Тардиф, заменик-началник на воздухопловните сили на Франција.
Европски воени претставници стравуваат од можно воено соочување помеѓу одредена членка на НАТО и Русија до 2029 година, при што ја истакнуваат итната потреба од борбена подготвеност и политичка кохезија низ целата Алијанса. „Политико“ затоа разговараше со десетина дипломати, сегашни и поранешни функционери на НАТО и експерти за одбрана, од кои некои анонимно посочија пет недостатоци на Алијансата откриени од војната на Блискиот Исток. Во продолжение е наведено објаснување за секој од петте недостатоци на НАТО.

1. Недостиг од муниција

Војната во Иран го истакна недостигот од муниција на НАТО. САД потрошија околу половина од вкупниот инвентар на критични ракети за воздушна одбрана „патриот“, додека француските претставници предупредија дека резервите од нивните ракети „астер“ и „мика“ се намалуваат уште во првите две недели од војната. Компаниите за одбрана како „Рајнметал“ и МБДА исто така посочија на зголемена побарувачка и претстојни недостатоци.
Доколку САД продолжат да го насочуваат своето внимание кон Индо-Пацификот, „ќе дојде до отстранување значителни средства“ од Европа, рече висок дипломат на НАТО.
– Со оглед на тоа што Москва произведува од 6.000 до 7.000 еднонасочни воени дрона месечно, сојузниците на НАТО ќе останат без висококвалитетни ракети за воздушна одбрана во рок од недели – рече Џастин Бронк, виш истражувач во Кралскиот институт за обединети служби.
Тоа создава „итна потреба за попристапни пресретнувачи воздух-воздух“, додаде тој, тврдејќи дека НАТО треба да се фокусира на поевтини алтернативи на „патриот“, како што е ласерски водената ракета АГР-20, и да изгради пасивна одбрана како засолништа од засилен бетон.
Недостигот од муниција во Алијансата сега ќе биде во голема мера застапен на самитот на лидерите на НАТО во јули, според функционер запознаен со ова прашање.

2. Воздушна инфериорност

– Способноста на Иран да продолжи да ги напаѓа соседните земји од Персискиот Залив со над 5.000 напади со ракети и беспилотни летала и покрај воздушната кампања на САД покажува дека постојат јасни граници на очекувањето дека може да се бомбардира држава до нејзино потчинување со конвенционални авиони – смета Питер Веземан, виш истражувач во Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот.
Како одговор, НАТО мора да ја преиспита воздушната подготвеност и да бара креативни решенија за одвраќање, како што се инвестициите во оружје со долг дострел, според Бронк, кој предлага зголемување на купувањето американски ракети АГМ-88Г, со дострел до 300 километри.
Војната во Иран веќе предизвика нови дискусии во рамките на НАТО за потребата од поголеми капацитети за длабок удар, рекоа двајцата претставници на Алијансата, додека разговорите за следниот четиригодишен циклус на планирање на одбраната на организацијата започнуваат годинава.

3. Недоволно моќни морнарици

Ограниченото распоредување на Европа за да им помогне на сојузниците од Персискиот Залив исто така го илустрираше огромниот недостиг од инвестиции во морнариците на НАТО. Најочигледен пример е Велика Британија, на која ѝ беа потребни три недели за да го распореди својот разорувач „ХМС драгон“ кон Медитеранот, за бродот потоа да биде вратен во пристаништето поради технички проблем.
Тоа не е изненадувачки. Шефот на британската морнарица, генерал Гвин Џенкинс, минатиот месец призна дека Кралската морнарица не е подготвена за војна, тврдејќи дека и другите сојузници заостануваат. Канадскиот премиер Марк Карни претходно изјави дека помалку од половина од флотата на неговата земја е оперативна.
– Од 2022 година се фокусираме многу повеќе на копнените сили, а сега одеднаш само забележуваме дека достапноста на флотата низ НАТО е навистина доста слаба – рече Ед Арнолд, поранешен функционер на НАТО.
НАТО исто така мора да ги подобри заедничките капацитети за одржување бродови, нагласува Сидхарт Каушал, експерт за поморска безбедност во институтот РУСИ, како и да се справи со недостигот од персонал и да инвестира во флексибилни бродови што можат да се приспособат на различни мисии – инспирирани од програмата за мултифункционални бродови за поддршка на Холандија.

4. Трајно неединство

Војната исто така го прошири јазот во НАТО – при што Европа ги игнорира барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за воена поддршка. Тоа предизвикува нова загриженост во Алијансата, како што истакнаа двајцата претставници на НАТО. Во меѓувреме Трамп продолжи да го критикува НАТО, постојано нарекувајќи го „хартиен тигар“.
Како одговор, европските престолнини мора да го усвојат истиот „трансакциски пристап“ како Трамп, наведува Андерс Фог Расмусен, поранешен генерален секретар на НАТО. Тие треба јасно да ја поврзат својата поддршка за повторно отворање на Ормускиот Теснец со посветеноста на Вашингтон кон НАТО.
Тој исто така предупреди да не се продолжува со обидите за смирување на незадоволството на Трамп, што е клучен елемент во пристапот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кон претседателот на САД.

5. Украина како безбедносен појас помеѓу НАТО и Русија

Во рок од неколку дена од почетокот на војната во Иран, Украина испрати своите експерти за беспилотни летала, добро упатени во користењето домашни пресретнувачи за соборување ирански беспилотни летала од типот „шахед“ што ги користи Русија, за да им помогнат на земјите низ Блискиот Исток. Киев на крајот потпиша децениски партнерства за одбрана со земјите од Заливот.
НАТО брзо ги прошири своите институционални врски со Украина, почнувајќи од заеднички центар за обука и истражување во Полска до воени посети на Киев и новоформирана индустриска програма за стекнување иновативна технологија од земјата, наречена „Јунајт брејв НАТО“ (UNITE-Brave NATO“).
– Алијансата сега треба да работи на воспоставување „појас“ сочинет од средства против беспилотни летала поблиску до границата на Русија, како прва линија на одбрана – заклучува Бронк во однос на последната забележана слабост на НАТО.
Останува прашањето дали Алијансата има капацитет да ги искорени овие забележани слабости со оглед на внатрешните превирања и темпото на спроведување на договорените обврски на земјите членки. Р.С.


ГЕРМАНСКИОТ КАНЦЕЛАР ОСВЕН ПО БРИСЕЛ, УДРИ И ПО ВАШИНГТОН

Мерц: САД влегоа во војна без план и ова е опасна авантура

Германскиот канцелар Фридрих Мерц испрати остри критики кон Вашингтон, оценувајќи дека американската администрација влегла во конфликтот со Иран без јасна стратегија за излез, што, според него, претставува сериозен ризик за понатамошна ескалација.
Говорејќи пред ученици во Марсберг, Мерц не штедеше со критики. Во врска со политиките на Трамп кон Иран, Мерц нагласи дека „текот на војната покажал значајни погрешни процени од страна на Вашингтон“. Тој истакна дека Иран се покажал многу поотпорен отколку што се очекувало, што дополнително ја комплицира ситуацијата на теренот и ја прави перспективата за брз крај речиси невозможна.
– Американците очигледно влегоа во оваа војна без никаква убедлива стратегија, ниту воено, ниту дипломатски – порача Мерц, алудирајќи дека недостигот од јасен план не само што ја пролонгира кризата туку ја прави и поопасна и за Европа, а и на глобално ниво.
Канцеларот повлече паралели со претходните интервенции на САД во Авганистан и Ирак, предупредувајќи дека историјата повторно се повторува. Според него, најголемиот проблем не е самото започнување на конфликтите, туку неможноста тие да се завршат без долгорочни последици.
Дополнително, тој ја критикуваше и иранската стратегија, оценувајќи дека Техеран вешто манипулира со преговорите или со нивното избегнување, што, како што рече, „доведува до понижување на целиот меѓународен процес“.
Мерц предупреди дека конфликтот веќе има сериозни економски последици, особено за Европа, а посебно за Германија, каде што растат трошоците и се чувствува директен удар врз економските перформанси.
Германија, според канцеларот, е подготвена да помогне со ангажман на миноловци за обезбедување на пловноста во регионот, но јасно нагласи дека таква мисија е можна само доколку дојде до прекин на воените дејства.
Со оваа изјава Мерц практично испрати силна политичка порака дека Берлин нема безрезервно да ја поддржува американската стратегија, особено кога, како што тврди, таа е водена без јасна визија за крајот на конфликтот. Р.С.