Американскиот Сенат, под контрола на републиканците, синоќа блокираше резолуција предложена од демократите со која ќе се забранеше претседателот Доналд Трамп да започне воена акција против Куба без одобрение од Конгресот.
Сенатот гласаше со 51 наспроти 47 гласа, речиси целосно по партиска линија, за процедурна мерка со која беше спречено усвојувањето на резолуцијата за воените овластувања на претседателот. Републиканците оценија дека нема активни непријателства меѓу САД и Куба.
Републиканскиот сенатор Рик Скот од Флорида, кој ја иницираше постапката за блокирање, изјави дека гласањето за воени овластувања не е соодветно бидејќи Трамп не испратил војска.
Од друга страна, демократскиот сенатор Тим Кејн, еден од главните предлагачи, оцени дека американските напори за запирање на испораките на гориво кон Куба претставуваат форма на воена акција.
– Кога некој би им го правел на САД тоа што ние ѝ го правиме на Куба, тоа сигурно би го сметале за чин на војна – изјави Кејн во обраќањето пред гласањето.
Американските сили за време на администрацијата на Трамп без одобрение од Конгресот напаѓаа бродови крај брегот на Венецуела и влегоа во Каракас со цел да го заробат претседателот Николас Мадуро, а заедно со Израел војуваат против Иран.
Трамп изјави дека „Куба е следна“, без да прецизира конкретни планови, но често тврди дека владата во Хавана е пред колапс.
Демократите повеќепати безуспешно се обидоа, и во Сенатот и во Претставничкиот дом, да го обврзат претседателот за воени операции да бара одобрение од Конгресот, додека републиканците, кои имаат тесно мнозинство, речиси едногласно ги отфрлаат таквите иницијативи.
Иако Уставот на САД предвидува дека Конгресот има овластување да објави војна, ова ограничување не се однесува на краткорочни операции или на одговор на непосредна закана.
Белата куќа тврди дека одлуките на Трамп се во согласност со неговите овластувања како врховен командант за заштита на Соединетите Држави.

































