Со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството денеска во судницата во КПУ „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, пренесе МИА.
Од обвинителскиот тим вчера информираа дека остануваат уште неколку сведоци за сослушување, меѓу кои лица кои од психички причини не можат да дадат исказ, како и едно лице кое се наоѓа во странство. Доколку не бидат достапни, постои можност нивните претходни искази да бидат прочитани во постапката.
Со тоа практично завршува фазата на вербални докази, по што се очекува да започне изведувањето на судско-медицинските обдукциски наоди за причините за смртта на жртвите во пожарот.
По презентирањето на обдукциските наоди, најавено е дека ќе биде повикано и вешто лице кое ќе треба да даде дополнителни појаснувања за прашања што останале отворени во текот на постапката.
Од Обвинителството велат дека засега не може да се процени колку рочишта ќе бидат потребни за изведување на материјалните докази, бидејќи тоа ќе зависи и од текот на постапката и од активностите на одбраната.
Исклучување на јавноста, како што посочуваат, ќе се бара само доколку природата на доказите или начинот на нивното изведување го наложува тоа.
Судскиот процес започна на 19 ноември минатата година. Досега беа сослушани родители на жртвите, преживеани, гости во клубот, инспектори, претставници на институции и Општина Кочани, како и членови на музичката група ДНК, која настапувала кобната вечер.
Судењето го води судијката Дијана Грувеска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на државата.

































