Припадници на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи утринава спроведуваат претреси на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и Куманово, во рамки на истрага за сомнителни финансиски злоупотреби во здравствениот сектор.
Според првичните информации, под истрага се одговорни лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување. Тие се осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Од МВР за МИА потврдија дека полициските службеници постапуваат во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
– Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК, во рамки на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста – соопштија од МВР.
Според првичните информации, штетата врз државниот буџет надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата материјална корист за болницата се проценува на околу четири милиони евра. Во случајот, наводно, се оштетени и поголем број пациенти кои се лекувале во установата.
Дел од медиумите објавија дека меѓу пријавените е и Ден Дончев, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).
Според истите медиумски извештаи, меѓу осомничените се и поранешни и актуелни раководни лица од Фондот и приватната болница „Санте“. Меѓу нив се наведуваат поранешен претседател на управниот одбор на ФЗО, поранешни управители и директори на болницата, поранешен раководител на Секторот за контрола во ФЗО, како и поранешен и актуелен раководител на скопската подрачна единица.
Од МВР најавија дека дополнителни информации за акцијата ќе бидат соопштени по нејзиното завршување.


































