Кандидатурата на Орбан за прв човек на ОН е сигнал за почеток на крајот на либералната хегемонија со отворање нова страница на светската историја
- Ако информациите во германската јавност за „можната кандидатура на Виктор Орбан за генерален секретар на Обединетите нации, со поддршка од Вашингтон и со подготвеност за согласност од Москва и Пекинг“, добијат официјална потврда, тогаш нема да станува збор само за дипломатска комбинаторика. Тоа би било политички сигнал со пошироко значење. Имено, светот сè поотворено бара излез од досегашниот модел на меѓународно управување, во кој либералните западни елити предолго се поставуваа како единствен арбитер на глобалните правила
Зад можното приближување на претседателите Доналд Трамп, Си Џинпинг и Владимир Путин кон иста кандидатура за генерален секретар на организацијата на Обединетите нации (ОН) во името на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан може да се насети една важна геополитичка реалност. Имено, и покрај нивните длабоки разлики, рака на срце, големите сили имаат интерес меѓународниот систем да се преобликува во согласност со идеологијата што засега е заедничка нишка на повеќеслојните политики што моќните светски сили ги водат на глобален план.
Суверенитетот, националниот интерес и правото на државите самостојно да ги определуваат своите политички и развојни приоритети повторно стануваат централни прашања на светската политика.
Суверенизмот наспроти идеологијата на еден центар
Во таа смисла, Виктор Орбан не е само унгарски политичар со историја на долгогодишни судири со либерален Брисел. Тој е симбол на политички правец што го оспорува уверувањето дека либералниот модел мора да биде универзална матрица за сите општества, без оглед на нивната историја, традиција, интереси и демократски избори.
– Суверенизмот воопшто не мора да значи изолационизам, ниту пак автоматско приклонување кон Москва, Пекинг или Вашингтон. Во својата суштина, тој подразбира дека меѓународната соработка треба да се темели врз суверена рамноправност, заемно почитување и доброволно усогласување на интересите, а не врз политичко условување и наметнување единствен идеолошки модел – вели мој соговорник од Германија, адвокат и добар познавач на политичките услови во Германија и во ЕУ.
Тој додава дека „евентуалната поддршка за Орбан од три сили што често се на спротивставени страни би била особено значајна“.
– Самата идеја за поддршка не би докажала дека Трамп, Си и Путин имаат идентични визии за светот, туку дека во одредени прашања можат да препознаат заеднички интерес во преиспитувањето на постојните центри на моќ. Мултилатералноста, сепак, не е автоматски загарантирана со нивното согласување. Таа мора да се потврди преку правила што важат за сите, а не само преку договори меѓу најмоќните – објаснува соговорникот.
Европа на крстопат: Унија на народи или континент на конфронтација?
Мојот соговорник, адвокат со големо искуство и знаење, не само од правото туку и од политиката, смета дека „особено сериозно треба да се чита оваа порака во контекст на Европската Унија“, во прилог на што изложува и цврсти аргументи.
– Европа, која требаше да биде пример за мир, економска интеграција и соработка, денес се соочува со длабоки политички поделби, многуслојна неизвесност и ерозија на довербата кон институциите. Наместо Унија што ја користи својата економска, научна, индустриска и дипломатска тежина за да биде рамноправен партнер на светот, се наметнува впечатокот дека европската политика сè почесто се сведува на амбиции на либерален Брисел за безбедносни конфронтации, идеолошко разграничување и ставање под тепих на внатрешните несогласувања во ЕУ. Милитаризацијата на политичкиот дискурс и претворањето на геополитичките ривалства во долгорочна политичка доктрина отвораат прашање дали Европа сè уште ја следи својата првична, изворна историска мисија. Токму затоа, неопходно е преиспитување на политиките на бриселските елити. Се разбира не со цел Европа да се урне, никако. Туку со цел да се ослободи од догматизмот, бирократската самодоволност и претензијата дека постои само еден дозволен политички и геополитички курс. Европската интеграција може да ја обнови својата легитимност само ако повторно ги стави во центарот благосостојбата на граѓаните, конкурентноста на економијата, социјалната сигурност и мирољубивата соработка со остатокот од светот – тврди мојот соговорник, ценет интелектуалец, адвокат.
Реструктурирање, а не изолација е шансата за нова Европа
Од оваа перспектива, евентуалното појавување на Орбан како комбинација за трката за чело на ОН, може да се толкува како дел од поширокото политичко преструктурирање, во кое суверенистичките сили настојуваат да го ограничат монополот на либералниот политички естаблишмент.
– За мене, и суверенизмот мора да се оценува според тоа дали ги штити институциите, правата на граѓаните и вистинската политичка плуралистичност, а не само според тоа колку успешно му се спротивставува на Брисел. Исто така, Обединетите нации не смеат да станат инструмент на договор меѓу неколку големи сили. Нивната улога е да обезбедуваат меѓународен дијалог, да го штитат мирот и да ја потврдуваат суверената рамноправност на државите. Ако новиот светски поредок навистина треба да биде мултиполарен, тогаш неговиот легитимитет мора да произлегува од пошироко учество и одговорност, а не од заменување на една хегемонија со друга. Ова е мое, ценам објективно и независно мислење. Но секако сметам дека пораката до Европа со појавувањето на името на Орбан, како можно заедничко размислување на трите светски лидери, е повеќе од јасна – всушност, ЕУ мора да избере дали ќе продолжи да се движи кон континент на трајна конфронтација или ќе се врати кон визијата за Унија што соработува со Америка, Кина, Русија и со преостанатиот свет врз основа на сопствените интереси, принципи и капацитети. Искрено, се сомневам дека Орбан би ги поминал филтрите во Советот за безбедност, каде што постојани членки се Франција и Британија. Но ако кандидатурата на Орбан навистина ја добие поддршката за која се шпекулира, вистинското прашање нема да биде само кој ќе седне на чело на ООН, туку каков светски поредок ќе ја обликува неговата кандидатура. Зборувам само за кандидатура, ништо повеќе – анализира нашиот ценет соговорник.
Тој поентира со една многу интересна констатација, нагласувајќи дека Европа не треба да има резервации кон преиспитување на сопствениот модел.
– Европа, во секој случај, не треба да се плаши од преиспитување на сопствениот модел. Брисел треба да се плаши од сопствената ригидност да се промени. Европската иднина не е во тоа да биде милитантен континент, ниту политички придружник на туѓи стратегии, туку самостоен и просперитетен простор на мир, демократија, суверени народи и рамноправна соработка со светот – завршува на крајот на разговорот нашиот соговорник, адвокат од Германија.
Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија

































