Личната карта и возачката дозвола од денеска достапни и преку мобилен телефон
- На граѓаните овој технолошки новитет треба да им го олесни секојдневието без да ги носат документите со себе. Наместо да бараат лична карта или возачка во паричникот, тие ќе можат потребните документи да ги покажат директно од мобилниот телефон, со поголема контрола врз тоа кои информации ги споделуваат и со кого
- Новината претставува дел од поширокиот процес на дигитална трансформација на државните услуги, кој треба да овозможи побрза
комуникација меѓу граѓаните и институциите, помалку административни процедури и поголема контрола врз личните податоци. Во иднина се очекува во електронскиот паричник да бидат додавани и други документи и услуги, по примерот на повеќе европски земји што веќе користат вакви решенија
Македонските граѓани од денеска ќе можат да ги користат личната карта и возачката дозвола во дигитална форма преку својот мобилен телефон, со стартот на новиот електронски паричник, кој официјално е промовиран неделава. Според најавите од Министерството за дигитална трансформација, станува збор за прв чекор кон целосна дигитализација на личните документи и јавните услуги. Практично, тоа значи дека некои од документите што досега задолжително се носеа во паричник или чанта, отсега ќе можат да бидат достапни и на мобилен телефон. Наместо граѓаните при секоја идентификација да ја покажуваат личната карта или возачката дозвола што ја носат со себе, тие ќе можат да го сторат тоа преку дигитална апликација, со неколку допири на екранот.
Дигитален простор за основните лични документи
Но, и покрај многубројните најави за придобивките, кај дел од граѓаните сè уште постои дилема што точно претставува е-паричникот, како ќе функционира и дали ќе ги замени класичните документи. Токму затоа најважното прашање во пресрет на неговото официјално пуштање во употреба е што всушност значи електронскиот паричник за секојдневниот живот на граѓаните, на што ние ќе се обидеме да дадеме одговори.
Електронскиот паричник, или е-паричник, не е банкарска апликација и во него нема да се чуваат пари. Наместо тоа, станува збор за дигитален простор во кој граѓаните ќе можат на својот мобилен телефон да ги имаат основните лични документи, како што се личната карта и возачката дозвола. Практично, наместо секогаш да ги носат физичките документи со себе, корисниците ќе можат да се идентификуваат преку мобилна апликација. Кога ќе треба да докажат идентитет или одредени податоци, системот ќе генерира кјуар-код, кој ќе може да се скенира и преку кој ќе се споделуваат само податоците што корисникот ќе одлучи да ги открие.
Поголема контрола и безбедност на личните податоци
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека една од главните придобивки е токму поголемата контрола врз личните податоци.
– Корисниците нема да мора да ги откриваат сите свои податоци, како што тоа го правиме сега кога ги покажуваме пластичните лични карти или возачките дозволи. На пример, кога сакате да се легитимирате во банка, бар или друг локал, нема да мора да ги покажувате сите податоци од личната карта. Ќе можете сами да изберете кои податоци сакате да ги споделите, на безбеден начин – изјави Андоновски.
Според министерот, податоците ќе се разменуваат преку кјуар-код за еднократна употреба, кој истекува по 10-15 секунди и не може повторно да се искористи.
– Податоците ќе се споделуваат преку кјуар-код, кој се генерира за еднократна употреба. Кодот се скенира, а другото лице ги добива податоците само доколку вие го дозволите тоа. По 10-15 секунди, кјуар-кодот истекува и не може повторно да се употреби. Многу внимание посветивме на безбедноста – нагласи министерот.
На граѓаните овој технолошки новитет треба да им го олесни секојдневието без да ги носат документите со себе. Наместо да бараат лична карта или возачка во паричникот, тие ќе можат потребните документи да ги покажат директно од мобилниот телефон, со поголема контрола врз тоа кои информации ги споделуваат и со кого.
Новитет во рамките на поширокиот процес на дигитална трансформација
Од Министерството појаснуваат дека дигиталните документи ќе им бидат достапни на граѓаните преку апликацијата „м.Услуги“, а во наредниот период се планира додавање и на други документи и функционалности.
Новината претставува дел од поширокиот процес на дигитална трансформација на државните услуги, кој треба да овозможи побрза комуникација меѓу граѓаните и институциите, помалку административни процедури и поголема контрола врз личните податоци. Во иднина се очекува во електронскиот паричник да бидат додавани и други документи и услуги, по примерот на повеќе европски земји што веќе користат вакви решенија.
– Ова е почеток на процес што треба да нè доведе до европскиот дигитален паричник, кој ќе значи целосна дигитализација на документите. Се надевам дека паралелно со развојот на мобилниот паричник ќе додаваме и нови услуги, можности и документи за граѓаните – истакна Андоновски.
Како функционира електронскиот паричник во други држави?
Македонија не е првата земја што воведува дигитален паричник за лични документи. Во последните неколку години слични системи веќе се користат низ Европа и светот, со цел граѓаните да можат побрзо и побезбедно да се идентификуваат и да користат јавни услуги без потреба од физички документи.
Најпознат пример е Естонија, која важи за една од најдигитализираните држави во светот. Таму граѓаните со дигитален идентитет можат онлајн да потпишуваат документи, да поднесуваат даночни пријави, да пристапуваат до здравствени услуги и да комуницираат со институциите без физичко присуство.
Во Германија граѓаните можат да ја користат електронската лична карта преку мобилен телефон и специјални апликации за дигитална идентификација. Системот им овозможува безбедно најавување на државни портали и користење административни услуги преку интернет. Франција исто така воведе дигитална верзија на личната карта преку државната апликација „Франс идентите“, која овозможува потврда на идентитетот и користење различни електронски услуги преку мобилен уред. Во Шпанија е развиен проектот „МиДНИ“, преку кој личната карта може да биде достапна и во мобилен телефон, додека граѓаните можат дигитално да докажуваат идентитет во различни административни постапки.
Надвор од Европа, неколку американски сојузни држави, меѓу кои Аризона, Колорадо и Џорџија, веќе дозволуваат возачките дозволи да се чуваат во дигитални паричници на технолошките гиганти „Епл“ и „Гугл“. На одредени аеродроми и контролни пунктови патниците можат да се идентификуваат преку својот мобилен телефон.
Европската Унија во меѓувреме работи на воспоставување единствен Европски дигитален паричник, кој во иднина треба да им овозможи на граѓаните на земјите членки на едно место да ги чуваат личните документи, дипломите, сертификатите, возачките дозволи и други официјални документи. Токму кон тој модел, според најавите на надлежните институции, треба да се развива и македонскиот електронски паричник.
Искуствата од земјите што веќе користат вакви системи покажуваат дека дигиталните документи не ги заменуваат веднаш физичките, туку функционираат паралелно со нив. Целта е граѓаните да имаат побрз пристап до услугите, поголема контрола врз личните податоци и помалку административни процедури во секојдневниот живот. Д.Ст.
































