Министерството за внатрешни работи и официјално потврди дека еден работник загинал, а тројца биле повредени во несреќата што се случила изутрината на градилиште во општина Кисела Вода. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Во СВР Скопје во 8:17 часот пријавено е дека на градилиште на ул.„Козјак“ во Скопје, при ископ на темели со земја има затрупани работници. Тројца работници се извадени и пренесени со возило на Итна медицинска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош – соопшти МВР.
Доктор Драган Панов, шеф на смена во Итна медицинска помош – Скопје, претходно за МИА изјави дека при несреќата загинал градежен работник и оти тројца биле повредени.
– Интервениравме со четири амбулантни возила – рече доктор Панов за МИА.
Ургентниот центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде беа транспортираните тројцата повредени градежни работници, инфорираше дека двајца од работниците, се со полесни телесни повреди и контузии, а едниот е со скршеници.
– Во врска со несреќата на градилиште во Кисела Вода, информираме дека во Ургентниот центар се транспортирани тројца повредени градежни работници. Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, во тек се дијагностички процедури. Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лактот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и една натколеница. Се следи здравствената состојба на повредените лица и продолжува нивниот медицински третман – се вели во соопштението од Ургнетниот центар.



































