КОШАРКА
УО на КФМ донесе одлука за регулирање на финансиските обврски на клубовите
Во насока на стабилизација и унапредување на домашната кошарка, Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) донесе и разгледа повеќе значајни одлуки. УО донесе одлука за регулирање на финансиските обврски на клубовите, со која за старите долгови се овозможува намирување со 40 отсто попуст, најдоцна до 31 мај, за обврските од тековната сезона се овозможува 20 отсто попуст, со рок за намирување до 20 јуни. Со оваа мерка се овозможува финансиско растоварување на клубовите и создавање основа за стабилен и дисциплиниран систем во пресрет на новата натпреварувачка сезона, пишува КФМ. Беше отворена и расправа по предлог-правилникот за лиценцирање на клубовите за настап во системот на натпреварување во Македонија. УО ја потврди определбата за воведување јасен и строг лиценцен систем, при што донесе заклучок да се задолжат стручните служби на федерацијата во рамките на своите надлежности да преземат активности за извршување дополнителна анализа на предлог-правилникот, по што УО ќе пристапи кон конечно усвојување на Правилникот за лиценцирање, информираат од КФМ. Г.И.
КОШАРКА
Келдон Џонсон е најдобар шести играч на годината во НБА
Кошаркарската НБА-лига го прогласи Келдон Џонсон за најдобар шести играч на годината. Џонсон беше врвната резерва за Сан Антонио сезонава, играше на сите 82 меча, на сите влезе во игра од клупата, станувајќи само вториот играч во НБА во претходната деценија што го сторил тоа и е првиот кошаркар на Сан Антонио што постигнал најмалку 1.000 поени (вкупно 1.081) како резерва во една сезона, пишува НБА. Џонсон му придружи на Ману Џинобили од 2008 година и се единствените од овој клуб што ја освоиле таа награда. Ова е првата индивидуална награда во НБА за Џонсон, кој беше дел од американскиот олимписки тим, кој освои олимписко злато во Токио во 2021 година.
– Почнував мечеви долго време. Сега е мое време да влегувам од клупата. Само продолжувам да ја анализирам играта, влегувам и едноставно го правам своето – рече Џонсон за ЕСПН, пренесе НБА.
Другите финалисти во оваа категорија беа Хаиме Жакес Џуниор од Мајами (меѓу резервите има најмногу поени) и Тим Хардавеј Џуниор од Денвер (меѓу резервите е прв со 205 тројки и беше четврти според бројот на поени во Денвер).
За Џонсон тоа беше кулминација на двегодишна серија како малку други. Тој настапи на 159 натпревари во претходните две сезони, секогаш влегувајќи од клупата. Ниту еден друг кошаркар во НБА не одиграл ни приближно толку многу натпревари без да биде стартер во тој период, пишува НБА. Г.И.
КОШАРКА – НБА-ЛИГА, ПЛЕЈОФ, 1. КОЛО
Три тима поведоа со по 2-0
Шаи Гилџес-Александер забележа 37 поени и девет асистенции во победата на Оклахома на средбата со Феникс со 120-107 за водство со 2-0 во победи во нивната серија од плејофот, во првото коло на Западната конференција на кошаркарската НБА-лига, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
На Гилџес-Александер, кој постигна 25 поени во победата на отворањето на плејоф-серијата во неделата, пред неколку дена му беше доделен трофејот за најдобар клучен играч на годината во НБА во решавачки моменти од натпреварите.
По натпреварите од првото коло на доигрувањето во НБА-лигата во средата, водство со по 2-0 во победи имаат актуелниот шампион Оклахома, потоа Кливленд (игра со Торонто) и Лос Анџелес лејкерс (се среќава со Хјустон), а нерешено 1-1 е на дуелите Детроит – Орландо, Њујорк – Атланта, Бостон – Филаделфија, Денвер – Минесота и Сан Антонио – Портланд.
Домаќини на следните два натпревара од првото коло на плејофот-серијата во НБА-лигата се Орландо, Атланта, Филаделфија и Торонто во Источната конференција, како и Феникс, Хјустон, Минесота и Портланд во Западната конференција. Н.М.
































