Во рамките на разгледувањето на годишниот извештај на комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа, македонската пратеничка од редовите на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, му постави прашање дали е запознаен со забраната за адвокатот Тони Менкиноски, кому му е забранет влез во Бугарија на десет години само затоа што е застапник на македонските организации што повеќе од 20 години бараат регистрација во Бугарија.
– Во тек сум за овој случај и морам внимателно да го испитам. Од она што го разбирам, на адвокатот наводно му било забрането да влезе во земјата неколку години додека се обидувал да ги застапува луѓето таму – нагласи комесарот за човекови права на Советот на Европа.
Притоа, Мајкл О’Флаерти додаде дека ќе ја разгледа оваа ситуација и е подготвен да организира соодветни размени за подобро да ги разбере влоговите што се во прашање.
Во тој контекст комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, утре ќе ги прими на разговор двете македонски пратенички Бисера Костадиновска-Стојчевска од редовите на СДСМ и Ивана Василевска од ВМРО-ДПМНЕ за да разговараат за овој случај.
Имено, еден ден претходно на пролетната сесија на ПССЕ, исто така и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, изрази подготвеност институцијата внимателно и детално да се запознае со случајот со адвокатот Тони Менкиноски, по поставеното прашање од пратеничката Ивана Василевска.
Генералниот секретар на Советот на Европа најави дополнителни консултации и анализа во рамките на институционалните механизми.
Берсе притоа рече дека за Советот на Европа остануваат приоритет заштитата на човековите права, владеењето на правото и независноста на адвокатската професија, како темелни принципи на Конвенцискиот систем.
Тој посочи дека во овој момент не располага со сите потребни информации за да даде конечна оценка, но најави дека ќе бидат иницирани дополнителни консултации со неговиот кабинет и надлежните служби, со цел да се направи темелна анализа на сите релевантни факти и околности.
Воедно, генералниот секретар истакна дека доколку се утврдат прашања од значење во однос на примената на Европската конвенција за човекови права, Советот на Европа ќе постапи во согласност со своите надлежности, користејќи ги расположливите механизми за дијалог, мониторинг и институционална соработка.
Берсе ја потврди и својата отвореност за понатамошна комуникација, со цел да се обезбеди информиран и соодветен пристап кон разгледувањето на случајот.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција































