Македонскиот долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, поддржан од Агенцијата за филм, ќе ја има својата светска премиера на престижниот фестивал „Трибека“ во Њујорк, како дел од „Интернешнал наратив компетишн“, една од главните и најреномирани натпреварувачки селекции на фестивалот. Влезот во оваа селекција значи дека филмот е меѓу внимателно одбраните авторски остварувања од целиот свет, кои се натпреваруваат за највисоките признанија. Со оваа премиера, филмот го започнува својот меѓународен фестивалски живот на една од највлијателните сцени за современ независен филм.
– Светската премиера на филмот на фестивалот „Трибека“ претставува значаен успех за македонската кинематографија и потврда за квалитетот и автентичноста на новата генерација автори – истакнува директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, додавајќи дека со ова остварување продолжува успешниот пробив на македонските филмови на американската сцена, по „Медена Земја“ и „Диџеј Ахмет“ на фестивалот „Санденс“. Учеството на еден од најзначајните фестивали во С. Америка, покрај „Санденс“ и „Торонто“, го потврдува автентичниот режисерски израз на Дина Дума.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“. Филмот ја следи приказната за три генерации жени што се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела, сместена во енергичната ромска заедница во Шуто Оризари.
































