Промовирано научно истражување на Рената Пенчова

Книгата „Женскиот идентитет и женскоста низ поетската призма“ од Рената Пенчова беше промовирана во Музејот на македонската борба за самостојност. Изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам.
‒ Потребата да се открие потеклото на женскиот молк и јачината на женскиот крик е мисла водилка во исчитувањето на ова научно истражување од Рената Пенчова. Претставувањето на женскиот идентитет и женственоста во основоположничката генерација на современата македонска поезија открива сложена интеракција помеѓу културните норми, историскиот контекст и литературниот израз. Избрани се посебни, ферментирани стихови од автори и авторки со цел да се прикажат на една оска. (…) Ослободувањето од стегите се случува постепено, поточно, молкот се преобразува во говор, потчинетоста во самосвест, а маргинализацијата во рамноправност ‒ рече промоторката Весна Мојсова-Чепишевска.
Рената Пенчова во 2021 има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопjе на Катедрата за македонска книжевност и jужнословенски книжевности, а во 2025 има магистрирано на отсекот Македонска книжевност. Во текот на своите студии има престоjувано на студиски размени на Филозофскиот факултет во Загреб, Институтот за славистички студии во Грац, Факултетот за уметност во Братислава и Факултетот за култура и уметност во Варшава. Има работено како лектор по македонски јазик на Факултетот за европски јазици и култури на Универзитетот за странски студии во Пекинг, Народна Република Кина.