Фото: Пиксабеј

Полицијата во Србија приведе 42-годишен македонски државјанин, осомничен за измама, откако лажно се претставувал како хирург и барал пари за наводни итни операции.

Според информациите од српското Министерство за внатрешни работи, осомничениот А.К., заедно со засега непознати лица, доведувал граѓани во заблуда, тврдејќи дека нивни блиски доживеале сообраќајна несреќа и дека е неопходна итна хируршка интервенција за која барал паричен надомест.

Тој бил уапсен веднаш по примопредавање на пари, при што кај него биле пронајдени 16.650 евра и 150.000 динари.

Полицијата се сомнева дека осомничениот и неговите соучесници, од ноември минатата година до денес, извршиле повеќе вакви измами на територијата на Белград, стекнувајќи се со над 100.000 евра.

На А.К. му е одреден притвор до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.