Туристичката комора при Сојуз на стопанските комори на Македонија (ССКМ) упати официјално барање до Министерството за туризам на Грција за привремено одложување на примената на новиот влезно-излезен ситем (EES) на граничните премини за македонските државјани во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година.
Иницијативата доаѓа по реакциите од туристичкиот сектор, кој предупредува дека воведувањето на системот во пикот на летната сезона може да предизвика сериозни застои на границите, со чекања од повеќе часови. Според туристичките агенции, тоа би можело да влијае врз квалитетот на патувањата и да доведе до откажување на веќе резервирани аранжмани.
Од комората посочуваат дека Грција е традиционално најзначајна дестинација за македонските туристи и дека непречениот проток на патници е клучен за стабилноста на туристичкиот сектор.
– Затоа бараме разбирање и разгледување на можноста за временско одложување на имплементацијата на системот во најфреквентниот период – наведуваат од ССКМ.
Тие додаваат дека иницијативата има цел зачувување на добрососедските односи и поддршка на економската соработка, особено во туризмот, кој е значаен дел од регионалната економија.
Во меѓувреме, слични барања пристигнуваат и од други земји од регионот. ЈУТА, српското здружение на туристички агенции, исто така побара олеснување на примената на системот во летната сезона, имајќи предвид дека повеќе од еден милион српски туристи годишно патуваат во Грција.
Грчките власти веќе најавиле одредени исклучоци за одредени категории патници за да се избегнат гужви, а системот е дел од пошироката европска безбедносна и гранична политика.

































